Се исчисти јавната површина околу селската џамија во с. Габрово

  • Новости

Претставници од МЗ во с. Габрово и лица ангажирани преку Програмата за извршување јавни работи на Општина Делчево со заедничка акција ја исчистија од отпад и дивоизраснати растенија јавната површина околу селската џамија. Оваа заедничка активност беше на барање на Советот на МЗ во с. Габрово и потенцирана како една од активностите за решавање приоритетни проблеми во селото, но и активност која води до почисто и поубаво село. Целта е да се создаде чиста и здрава животна средина, посебно да се облагороди просторот околу џамијата кој е вреден историски споменик во селото.

За градоначалникот Гоцевски оваа акција е добар пример како може иницијативите на граѓаните организирани преку месните заедници да се претворат во конкретни акции.

– Ова е само една акција и верувам пример кој ќе го следат и другите месни и урбани заедници. Изразувам задоволство од начинот на кој сето тоа се организираше и од ангажираноста на новоформираната МЗ која покажа како може да се сака родното место и со заедничка акција и поддршка од Општината, да се одговори веднаш и на задоволство на сите. Сакам да нагласам дека сите иницијативи од месните или урбаните заедници за мене ќе бидат приоритети за решавање, но, најважно е што жителите покажуваат иницијатива, а општината е тука да им помогне, порача Гоцевски.

Инаку, во рамките на Програмата за извршување јавни работи која опфаќа активности за заштита на животната средина и подобар и квалитет на животот на граѓаните, се вклучени 29 лица. Програмата се реализира во рамки на мерки од Оперативниот план на АВРСМ.

Shares