Ѕвегорските суроваскари и годинава го бркаа злото од Пијанец

  • Новости

Сурова“ ечеше денеска во делчевски Ѕвегор со што Ѕвегорските суроваскари го продолжија живото културно наследство во Пијанец поврзано со Василица. Локалниот обичај под маски или театарот на отворено во кој главните ликови, невестата и младоженецот, белаците, бабите, мечките, го бркаа лошото од Пијанец, благословувајќи ги домаќините со сурова-млада и здрава нова година и прославувајќи ја Старата нова година.  Зачувувајќи ја автентичната традиција на весела свадбена поворка збогатена со многу нови ликови,  шеесетина маски и годинава дефилираа низ селото не одминувајќи ниту една куќа во него.

Сурова во Ѕвегор е уникатна по многу нешта. Еротските игри асоцираат на плодноста, старите баби и мечкарите им помагаат на болните, а се црнат присутните и гостите за здравје. Белаците се војска кои со дрвени сабји и пушки ја чуваат невестата  предвреме откриена. Суроваскарите го завршија танцот во селото доцна попладнето и на трпеза подготвена од кумот на свадбатаќе се открие невестата и ќе паднат сите маски од годинешната Сурова. Локалниот обичај под маски го проследија стотици вљубеници на традицијата, а и годинава присуствуваа гости и од соседна Бугарија.  

Градоначалникот Иван Гоцевски кој го потенцираше значењето на ова живо културно наследство, кое по автентичноста и богатството на маски, етнолозите го нарекуваат Пијанечко Вевчани.

Мене ме радува што последниве години многу млади од ова село Ѕвегор ја продолжуваат традицијата со што се обезбедува иднината на овој култен обичај под маски чија цел е да се продолжи вековната традиција и да се избрка злото во некрстените денови. Во оваа прилика, сакам да му честитам на Организацискиот одбор на „Сурова“ и на кумовите и на сите жители на Ѕвегор кои се издигнаа над болката поради загубата на двајцата жители од селото во големите пожари во клубовите во Кочани и во Кран Монтана и ја продлжија вековната традиција посветувајќи ја годинешната „Сурова“ во нивна чест. На сите посакувам среќна Стара нова година и овој убав обичај под маски да живее-Нека е за многу години, порача Гоцевски.

Главен покровител на манифестацијата е Општина Делчево и градоначалникот Гоцевски.

Shares