
Започнаа градежните работи за непосредна заштита- конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во с. Разловци. Проектот ќе се спроведува во 5 фази и предвидува конзервација и реставрација на кровот, конзервација на внатрешни и надворешни ѕидови, замена на дотраена столарија со столарија од трајни материјали и термопан стакло, конзервација и реставрација на партерот и на потпорните ѕидови со дренажа.
На почетокот на работите увид направи градоначланикот Иван Гоцевски заедно со претставници од изведувачот, градежниот и конзерваторскиот надзор, директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски, како и директорот на НУ Национален конзерваторски центар, Александар Јорданоски.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека овој капитален проект се реализира со поддршка од Владата на Република Македонија и заложбите на премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски и ќе овозможи комплетно враќање на сјајот на Спомен-домот, симболот на првото организирано македонско востание и сведоштво за храброста и непокорот на нашиот народ.
–Кога зборувавме дека ќе го обновиме Спомен-домот посветен на Разловечкото востание, многумина ни се смееја и велеа дека тоа никогаш нема да се оствари. Денес, со мирна совест и со љубов ги потсетуваме дека ветувањата дадени пред граѓаните не биле празни зборови, туку јасна цел која чекор по чекор ја претвораме во реалност.
Со особено задоволство ја споделувам веста дека активно се работи на обновата на Спомен-домот во село Разловци – место кое има огромно историско значење за нашиот народ. Како градоначалник, останувам целосно посветен на зачувување на нашето културно и историско наследство. Разловци го заслужува ова, а нашите идни генерации заслужуваат да растат со чувство на гордост и припадност кон сопствената историја, порача Гоцевски.
За директорот Начовски реконструкцијата на овој значаен објект во село Разловци подразбира доведување во оригиналната архитектонска форма проектирана од македонскиот прочуен архитект Константиновски. Со тоа, конечно, селото Разловци, Општина Делчево и нашата држава добива мултифункционален репрезентативен објект кој доликува на историската вредност на Разловечкото востание од 1876 година.
Средствата за реставрација и конзервација на спомен –домот „Разловечко востание“ се обезбедени преку Министерството за култура и туризам.



