
Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево заедно со ОВР Делчево и РЦГР – Исток ја реализираа еднодневната кампања по повод 14 Февруари – Свети Трифун и Денот на вљубените, под слоганот ВОЗИ БЕЗБЕДНО, ВОЗИ СО ЉУБОВ – СЕКОЈ ЖИВОТ Е ВАЖЕН, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
На локалната патна мрежа и на Граничниот премин „Делчево“ претставниците од ОСБСП Делчево заедно со полициски службеници преку директна комуникација со возачите упатија апели за одговорно возење, посебно во денови кога се зголемува ризикот од управување под дејство на алкохол и им беа поделени едукативни материјали изработени од РСБСП со укажување на важноста од совесно и одговорно учество во сообраќајот за време на празникот!
Алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и ја намалува нивната способност за брзо и ефикасно дејствување во случај на непредвидни ситуации и закани во сообраќајот.
ОСБСП Делчево со совети до учесниците во сообраќајот:
– Доколку пиете алкохол – НЕ управувајте со моторно возило;
– Во патнички автомобил, на предното седиште НЕ СМЕЕ да се превезува лице кое очигледно е под дејство на алкохол;
– Возачот НЕ СМЕЕ да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на алкохол;
– Кај професионалните возачи и возачите почетници НЕ Е ДОЗВОЛЕНО никакво количество алкохол во крвта;
– АКО ПИЕШ, НЕ ВОЗИ – АКО ВОЗИШ, НЕ ПИЈ!









