Ученици и наставници од Тирана на средба со градоначалникот

  • Новости

Новото партнерство градено врз новиот проект „Мостови на единство“ на СОУ „М.М.Брицо“ и Техничко – економското училиште во Тирана, донесе во Делчево 15 ученици и двајца наставници од ова училиште од Тирана, Албанија. Посетата на учениците на Делчево е во рамките на меѓународната образовна Програма „Super schools“, како една од активностите на проектот. Целта на заедничките активности на двете училишта е интеркултурна размена, со фокус на теми поврзани со идентитет, култура, едукација против говор на омраза, активно младинско учество и младинска врсничка едукација.

Во рамките на посетата во Делчево денеска беше организирана и средба со градоначалникот Иван Гоцевски, каде се зборуваше за позитивите искуства од проектот, текот на имплементацијата на проектот кој е во насока на промовирање и подобрување на квалитетот на стручното образование, но и за очекуваните резултати од реализацијата на Проектот „Супер училишта“.

За градоначалникот Гоцевски размената на искуства, стекнатите нови пријателства и новите знаења се основа за развој на младите и тој изрази задоволство што двете училишта градат  соработка која ќе даде придонес за проширување на видиците на учениците, размената на искуства, но и кариерен и личен развој.

 Оваа иницијатива претставува одлична можност за младите да стекнат нови знаења, искуства и пријателства, но и да го запознаат нашиот град и нашата култура. На средбата разговаравме за текот на активностите, програмата за престојот и идните можности за продлабочување на меѓународната соработка. Како градоначалник, давам целосна поддршка на ваквите образовни и младински проекти, затоа што верувам дека преку соработка, размена и отвореност кон регионот, создаваме посигурна и поуспешна иднина за нашите ученици и за Делчево, нагласи Гоцевски.

СОУ „М.М.Брицо“ во рамките на проектот ќе биде домаќин на гостите од Тирана до 21 февруари, а во периодот од 23 до 28 март, нашите ученици ќе реализираат возвратна посета во Тирана.

Инаку, „Супер училишта е Програма на RYCO за училишна размена во регионот со цел да се поддржи процесот на градење мир и помирување и интеркултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници. Програмата е дел од мултидонаторскиот проект „Програма за размена на училишта во Западен Балкан“ кофинансиран од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

Shares