Шестата седница на Советот на Општина Делчево ќе биде резервирана за прашања и предлози од страна на советниците и граѓаните до сите актуелни локални функционери во Општината. Седницата денеска ја најави претседателот на Советот Николчо Стојменовски кој ја закажа 6 Седница на Советот за 27 февруари со единствена точка на Дневниот ред: Прашања и предлози од страна на советниците и граѓаните до:
Претседателот на Советот на Општина Делчево
Градоначалникот на Општина Делчево
Директорот на СОУ М.М.Брицо
Директорот на ООУ Ванчо Прке;
Директорот на ООУ Св.Климент Охридски;
Директорот на ЈКП „Брегалница“
Командирот на Територијалната противпожарна единица
Директорот на Градската библиотека
Директорот на Детската градинка „Весели Цветови“
На Седницата граѓаните ќе имаат можност директно да поставуваат прашања и да даваат предлози до сите наведени претставници.
-Со воведување на овој нов стандард во работата на Советот, ние ја потврдуваме својата улога како тело што работи во интерес на граѓаните и ја негува практиката на отворено и одговорно управување. Отворената седница е силна порака дека општината е отворена, достапна и подготвена да ги слушне и да ги вклучи граѓаните во процесот на одлучување, порача Стојменовски.
Градоначалникот Иван Гоцевски ја поздрави иницијативата и посочи дека со овој начин на одржување седници на Советот се потенцираат заложбите на Општина Делчево за транспарентност и отчетност и активно учество на граѓаните во носењето одлуки.
-Отворените седници на Советот се одлична алатка за подобра комуникација со граѓаните. Одговорната локална власт мора да го слуша гласот на граѓаните, бидејќи Советот и градоначалникот, како органи на Општината-мора да сме во слуба на граѓаните. Оваа форма на работа значи дека функционерите директно одговараат пред јавноста за својата работа, одлуките и трошењето на јавните средства; активно учество на граѓаните кои добиваат простор да ги искажат своите проблеми, предлози и да станат активни учесници во креирањето на локалните политики.
Одржувањето на ваков вид отворени седници ќе продолжи и во наредниот период. Прашањата и предлозите може да се достават преку профилите на социјалните мрежи на претседателот на Советот и Општина Делчево, по е-маил на Општина Делчево info@delcevo.gov.mk, или по СМС/повик на телефонскиот број 070 983 538



