Засадени 82 садници на Голак во чест на 82- годишнината од Февруарскиот поход

  • Новости

Во чест на 82- годишнината од Февруарскиот поход, денеска на Голак беа посадени 82 садници покрај спортското игралиште што ќе претставува жив споменик на едно бурно време и потсетник за жртвите во македонската борба за слобода и независност.

Засадувањето садници беше дел од пригодната свеченост организирана од Општина Делчево која се одржа пред спомен -плочата која го чува споменот за походот на Народноослободителната војска на Македонија која во февруари 1944 година извршила оперативни дејства на територијата на Источна, Централна и Западна Македонија. Дел од маршрутата на Третата борбена единица била и планината Голак заедно со Беласица, Плачковица и Осогово.

По повод годишнината од Февруарскиот поход, членови на КУД „Гоце Делчев“ преку рецитал потсетија на историските факти кои го одбележаа овој стратешки поход изведен во 1944г., по што пред спомен-обележјето се поклонија и свежо цвеќе положија: делегација од Општина Делчево, предводена од градоначалникот Иван Гоцевски, делегација од Советот на Општина Делчево, претставници на политички партии и на здруженија на граѓани.

Градоначалникот Иван Гоцевски нагласи дека Делчево со почит ја одбележува мисијата на храбрите револуционери од Народноослободителната војска на Македонија истакнувајќи дека успешното изведување на Походот имало извонредно историско и воено значење за македонската антифашистичка борба.

– Револуционерите од Третата борбедна единица поминале 400 км во најнеповолни временски услови и покажале дека антифашистичката борба има масовен општонароден карактер во Македонија. Февруарскиот поход е една од најзначајните воено-тактички операциии и симболизира истрајност, храброст и пожртвуваност во борбата за слобода и национално достоинство. Неговото наследството го трасира нашиот пат за иднината и за нас е аманет да ги чуваме вредностите на слободата, солидарноста и националното достоинство и да продолжиме да работиме за напредокот на нашата земја, порача Гоцевски.

Shares