
Централна активност во 2026 година на Здружението „Копачка“ и Општина Делчево ќе биде одбележувањето на пет години од смртта на народниот уметник Димитар Узунски, но и новиот 6-годишен Извештај за УНЕСКО.
Овие активности се приоритети за Здружението „Копачка“ коешто го чува од заборав националното и светското културно наследство запишано во УНЕСКО, орото „Копачка“, а беа истакнати на Годишното собрание на Здружението на кое присуствуваше и националниот координатор за Конвенцијата од 2003 година на УНЕСКО, Ивона Опетчевска – Татарчевска и по повод подготовката на новиот шестгодишен извештај.
Таа истакна дека соработката со Здружението трае повеќе од 15 години, а работата на номинацијата за впишување на традицијата во УНЕСКО започнала во 2011 година. Од 2013 година, како што појасни, извештаите ги подготвуваат национални координатори и се оценуваат според 26 индикатори, со што се вреднува и работата на Здружението и институционалната поддршка.
Претседателката на здружението, Перса Стојановска, информира дека на Собранието биле разгледани завршната сметка за 2025 година и Годишната програма за 2026 година. Таа најави дека и годинава ќе се реализира проектот „Копачка 2026“ преку Министерството за култура, а со поддршка на Општина Делчево ќе се реализираат низа настани поврзани со одбележување на петгодишнината од смртта на Пијанечкиот Цепенков, Димитар Узунски.



