
Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска беше во работна посета на Општина Делчево во рамките на кампањата „Каде што срцето е дома“. За време на посетата, министерот оствари средба со градоначалникот Иван Гоцевски и заедно извршиja увид во текот на градежните работи за реализација на проектот од ИПА-Програмата „Интегрирани прекугранични туристички акции во регионот Благоевград-Делчево“, вреден околу 1 милион евра.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека посетата на министерот е од исклучително значење и потврда дека општините не се оставени сами, дека имаат партнер во министерот и Министерството и несебична поддршка за реализација на проектите кои значат развој, одговор на потребите на граѓаните и носат подобар квалитет на животот на граѓаните.
– Посетата на министерот доаѓа во време кога во Делчево интензивно се работи на повеќе, значајни за граѓаните, инфраструктурни проекти. Со министерот направивме увид во текот на реализацијата на големиот ИПА- проект кој го работиме во партнерство со Општина Благоевград и е вреден околу 1 милион евра. Од нив Делчево реализира над 388 илјади евра во изградба на скејт-парк-ново катче за забава и рекреација на младите и дополнителна понуда во туристичкиот пакет на Делчево, а интензивно се работи и на изградба на кејот на Брегалница во должина од 300 метри возводно. Со овој проект-не само што превенираме поплави и го штитиме имотот на граѓаните, туку и го поврзуваме со спортскиот центар во Делчево и формираме една целина која ќе биде во функција на спортот и рекреацијата и украс на градот. Заедно со овие два градежни проекти во фаза на развивање е и Маркетинг- стратегија за популаризација на туристички производ и поголем број други активности поврзани со јакнење на капацитетите и промоција на двата прекугранични региони во функција на туризмот, нагласи Гоцевски.
Тој изрази благодарност за поддршката на Министерството за локална самоуправа за националното кофинансирање од 58 илјади евра-што значи поддршка во реализација на овој голем проект кој ќе ја промени на подобро сликата на Делчево и ќе донесе подобар квалитет на животот на граѓаните во пограничниот регион.
Во фокусот на разговорите беше и информацијата дека од минатата недела се активни двата јавни повика наменети за проекти што ќе придонесат за рамномерен регионален развој.
-Преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој се обeзбедени вкупно 223.423.000 денари. Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој стојат на располагање на општините за споделување дополнителни информации и поддршка во процесот на аплицирање со предлог–проекти“, потенцираше министерот Перински.
Во рамките на посетата, министерот оствари средба и со општинската администрација и со советниците од Советот на Општина Делчево. На средбата се дискутираше за прашањата од значење за локалниот развој, за можностите кои им се ставени на располагање преку Ресурсниот центар, како и за процесот на ажурирањето на базите на даночните обврзници кој директно ќе придонесе кон зајакнување на самоодржливоста на општините.



