Нов стандард во работата на Советот: 6 Седница отворена за прашања од советници и од граѓани

Шетста седница на Советот на Општина Делчево демонстрираше нов стандард во работата на Советот-отворена седница за прашања од граѓаните и советниците. На отворената Седница на Советот присуствуваа претставници на сите локални институции и градоначалникот на Општината, Иван Гоцевски, а Седницата предизвика и голем интерес кај граѓаните кои доставија голем број прашања кои се однесуваа на работата на локалните институции. Граѓаните, меѓу другото, се интересираа за: започнување со работа на новата детска градинка, решавање на проблемот со дивите депонии, редовното собирање смет, обештетувањето на граѓаните од штетите предизвикани од невремето во претходните години, подготвеноста на ТППЕ за справување со пожарите, проблемот со кучињата скитници и отворање стационар за кучиња скитници, решавање проблеми со инфраструктурата во селата, загаденоста со реката Желевица во с. Тработивиште, продолжување на канализацијата во с. Ѕвегор,  отворање на библиотеката во с. Разловци,  проблеми со јавното осветлување, чистење на ендеците-ендек Грозданец, изградба на нови пешачки скали меѓу Први и Втори Реон, работата на СОУ „М.М.Брицо“ и др.

Образложувајќи ја Седницата, претседателот на Советот, Стојменовски,  потенцираше дека Советот на Општината воведува нов стандард за работа кој е во насока на зголемување на транспарентоста.

Со воведување на овој нов стандард во работата на Советот, ние ја потврдуваме својата улога како тело што работи во интерес на граѓаните и ја негува практиката на отворено и одговорно управување. Отворената седница е силна порака дека општината е отворена, достапна и подготвена да ги слушне и да ги вклучи граѓаните во процесот на одлучување, порача Стојменовски.

Градоначалникот Иван Гоцевски кој одговараше директно на прашањата, повторно ја реафирмираше својата посветеност за транспарентно и отчетно работење нагласувајќи дека отвореноста кон граѓаните е континуирана практика, а не формалност. На Седницата тој истакна дека аргументираната дебата и јасните одговори се клучни за градење доверба и спречување дезинформации и непотребна паника.

Отворените седници на Советот на Општина Делчево ќе се практикуваат и во наредниот период.

Shares