
Здружението фолклорна група „Копачка“ село Драмче, Делчево, во соработка со Балканскиот институт за вера и култура и со галеријата „Метаноја“ организира промоцијата на книгата „Ехото на дамарите на пијанчани – Копачката“ од Перса Стојановска што ќе се одржи в петок, на 6 март 2026, во 19 часот во Галерија „Метаноја“ во Скопје.
Монографијата е дело на Перса Стојановска и таа го отсликува, процесот на впишувањето во УНЕСКО. Неговата одржливост преку најразличните проекти во текот на првите десет години од впишувањето, постигнатите резултати, но и ги потенцира предизвиците и потребите, за решавање приоритетни прашања.
Промотор на монографијата ќе биде проф. д-р Велика Стојкова-Серафимовска, етномузиколог, а на присутните ќе им обратат проф. д-р Мирјана Мирчевска, директорката на „Метаноја“ м-р Нада Милкова и д-р Коста Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура.
Професор д-р Велика Стојкова-Серафимовска, која е воедно и стручен соработник на делото, забележува: Монографијата „ЕХОТО НА ДАМАРИТЕ НА ПИЈАНЧАНИ- КОПАЧКАТА- 10 години од впишувањето на Копачката во УНЕСКО“ не е само монографија на активностите на групата „Копачка“ во изминативе десет години. Оваа книга е продолжување на една вековна приказна, на една силна традиција вкоренета во душата на Пијанчани која се пренесува преку ритамот на тапаните и чекорите на Копачката кои живеат длабоко во сите нас. Наше, а светско, орото „Копачка“ не е само оро, тоа е аманет и тенка нитка која нè поврзува со нашите предци“.
На промоцијата, играорците од Драмче ќе ги претстават и женската и машката изведба на „Копачката“, а автентичниот израз отсликан преку носиите на уметниците, ќе биде надополнет со пијанечки афтохтони етноелементи на живеењето во овој крај, подредени во изложбениот простор на Галеријата „Метаноја“.
Oрото „Копачка“ е единственото оро од Македонија, впишано во УНЕСКО – Репрезентативна листа за нематеријални културни наследства на човештвото, на 27.11.2014 година во Париз. Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчево е единствениот носител – практичар на ова наше национално и светско културно наследство на УНЕСКО.



