Голема акција за пошумување: Ќе се врати миризбата на липите во Делчево

  • Новости

Во Делчево во тек е големата акција за пошумување и хортикултурно уредување на градот. Акцијата започна со  засадување садници од липи кои ќе ја вратат миризбата од минатото и ќе нè потсети на градот кој беше познат по ова раскошно дрво.

Во акцијата за пошумување и хортикултурно уредување на градот во која се активно вклучени екипи на ЈКП „Брегалница“, ангажирани лица од Програмата за изведување јавни работи за 2026 г., но и граѓани ентузијасти и донатори на садници, ќе се засадат 200 липи. Дрворед од липи ќе никне по должината на бул „Македонија“ од бензиската пумпа до градските семафори и во градскиот парк АСНОМ. Садници ќе се засадат и покрај тениското игралиште во Делчево.

Градоначалникот Гоцевски нагласи дека липата е симбол на мирот, слогата и љубовта и порака дека сакаме општина во која ќе владеат разбирање почит и грижа едни за други.

-Липите нема да бидат само украс на градот, туку  и порака дека грижата за животната средина  е наша заедничка одговорност, а секое засадено дрво значи почист воздух, повеќе зеленило и поздрав живот. Во таа смисла во акцијата за пошумување и хортикултурно уредување се планира да се засадат околу 1000 садници. Освен липи, ќе се засадат јавор, јасен, костени и туи на јавните површини во градот, но и во дворните места на локалните институции. Нека овие садници растат со нашиот град, како сведоци за нашата грижа, визија и љубов кон нашето Делчево, истакна Гоцевски.

 Садниците се донација од општествено одговорни компании и лични донации од пријатели на Делчево.

Shares