Седма седница на Советот на Општина Делчево

Советот на Општина Делчево денеска ја одржа 7 Седница на која се расправаше и се донесоа акти по 30 точки предложени на Дневниот ред за Седницата. На Седницата, советниците не ги поддржаа предлог-одлуките за давање согласност на Одлуката за утврдување тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈКП „Брегалница“-Делчево за регулиран период 2025-2027 од Управниот одбор на ЈКП „Брегалница“-Делчево и за давање согласност на Одлуката утврдување тарифа за собирање и одведување урбани отпадни води на ЈКП „Брегалница“- Делчево за регулиран период 2025-2027 од Управниот одбор на ЈКП „Брегалница“-Делчево.

На Советот се донесоа и следните одлуки:

 

Одлука за давање на трајно користење на недвижни ствари-службени простории на Министерството за внатрешни работи. Со оваа Одлука на Министерството за внатрешни работи се даваат на трајно користење 6 службени простории сопственост на Општина Делчево на ул. „М.М.Брицо“ бб (КП бр.7132) за извршување редовни надлежности на нивните управни служби во Делчево.

Советот донесе Одлука за донација на парични средства на ПАКОМАК ДОО Скопје како поддршка на проект од јавен интерес „Паметно управување со отпад од пакување во Македонија, фаза 2” со што Општина Делчево го започнува процесот за поставување вендинг-машини за собирање пластични шишиња и алуминиумски лименки и, конкретно, ги поттикнува навиките кај населението за селектирано собирање на отпадот од пакување и негово рециклирање, како и подигнување на еколошката свест за бенефитите од селекцијата и рецклирањето во насока на заштитата и унапредувањето на животната средина. При користењето на повратните вендинг-машини од страна на корисниците, за секое поединечно користење се акумулираат „зелени поени“ на мобилна апликација, која корисницитеможе да ја користат за вредносни ваучери за купување производи. Согласно со донесената Одлука, Општина Делчево ќе донира на ПАКОМАК ДОО Скопје 100.000,оо денари, како поддршка на Проектот од јавен интерес „Паметно управување со отпад од пакување во Македонија, фаза 2”со цел поддршка и вклучување на Општина Делчево во проектот од јавен интерес.

Одлука за приоритетен предлог за проект за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој- Со оваа Одлука се дава приоритет и се утврдува намената на проектот „Реконструкција на улица Мито Хаџивасилев – Јасмин и јавен паркинг“. Проектот ќе биде поднесен до Министерството за локална самоуправа, Биро за регионален развој, а по Програмата зa рамномерен регионален развој за 2026 година, Проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој. Проектираната инвестиција со вклучен ДДВ изнесува 3 810,246, 00 денари. За реализација на проектот „Реконструкција на улица Мито Хаџивасилев – Јасмин и јавен паркинг“. потребно е да се обезбеди учество од Буџетот на Општина Делчево од 10%. Средствата потребни за реализација на проектот ќе се обезбедат од Министерството за локална самоуправа-Биро за регионален развој, а по Програмата зa рамномерен регионален развој за 2026 година, Проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој.

Одлука за приоритетен предлог за проекти за ПРОГРАМА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ДИСПАРИТЕТИТЕ МЕЃУ И ВО РАМКИТЕ НА ПЛАНСКИТЕ РЕГИОНИ И ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНАТА КОНКУРЕНТНОСТ ЗА 2026 ГОДИНА- Со оваа Одлука се дава приоритет и се утврдува намената на проектот „Изградба на детско игралиште во Спортски центар Делчево“ и набавка на риквзити за детски игралишта и спортски терени во Делчево. Проектот ќе биде поднесен до Министерството за локална самоуправа, а проектираната инвестиција со вклучен ДДВ изнесува 4.200, 000.00 денари. За реализација на проектот е потребно да се обезбеди учество од Буџетот на Општина Делчево од 12%. Средствата потребни за реализација на проектот ќе се обезбедат од Министерството за локална самоуправа- Програма за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.

Одлука за приоритетен предлог -проект за развој на подрачјата со специфични развојни потреби -Со оваа Одлука се дава приоритет и се утврдува намената на проектот „Набавка на механизација за оддржување на локалните патишта во села со специфични развојни потреби во Делчево“. Проектот ќе биде поднесен до Министерството за локална самоуправа, Биро за регионален развој, а проектираната инвестиција со вклучен ДДВ изнесува 2.381,000.00денари. За реализација на проектот е потребно да се обезбеди учество од Буџетот на Општина Делчево од 10%. Средствата потребни за реализација на проектот ќе се обезбедат од Министерството за локална самоуправа-Биро за регионален развој, а по Програмата за развој на подрачјата со специфични развојни потреби за 2026 година.

Одлука за отстранување хаварисани, напуштени и нерегистрирани возила

од јавните површини на Општина Делчево- Со оваа Одлука се уредуваат условите, постапката и начинот за идентификација, означување, отстранување и складирање хаварисани, напуштени и нерегистрирани моторни возила поставени на јавни површини на територијата на Општина Делчево. Под хаварисани или напуштени возила се подразбираат моторни возила кои:

се очигледно оштетени, нефункционални или без делови неопходни за нормално движење;

не се регистрирани подолг временски период;

се оставени на јавна површина спротивно на сообраќајните правила;

претставуваат закана за животната средина, безбедноста на граѓаните или го нарушуваат изгледот на јавниот простор.

Идентификацијата на хаварисаните и напуштените возила ја врши надлежната служба на Општина Делчево во соработка со Полициската станица Делчево. По утврдувањето, на возилото се поставува писмено известување/стикер со рок од 7 дена за негово доброволно отстранување од страна на сопственикот. Доколку сопственикот на возилото не го отстрани возилото во оставениот рок, Општина Делчево ќе пристапи кон принудно отстранување со специјализирана служба. Отстранетите возила ќе се транспортираат и сместуваат во определен простор/депонија назначена од Општината. Сопственикот има право да го подигне возилото по претходна идентификација и по целосно подмирување на трошоците за подигање, транспорт и складирање. Доколку возилото не биде подигнато во рок од 180 дена од денот на отстранувањето, Општината има право да постапи согласно со важечките закони за негово трајно отстранување или предавање на отпад. За спроведување на оваа Одлука надлежни се:

Одделението за инспекциски надзор на Општина Делчевои

Полициската станица Делчево.

Трошоците за постапката за отстранување паѓаат на товар на сопственикот на возилото. Ценовникот го утврдува општинската служба и се објавува јавно.

Одлука за утврдување локација за поставување собирен центар за електричен и електронски отпад- Со оваа Одлука, Советот на Општина Делчево утврдува локација за поставување собирен центар за електричен и електронски отпад со цел организирано и безбедно собирање, времено складирање и предавање отпадна електрична и електронска опрема. Собирниот центар ќе биде поставен на КП бр.7939/1 КО Делчево на стариот градски пазар и ќе служи за бесплатно предавање електричен и електронски отпад од домаќинства, како и отпад од правни лица согласно со законските услови. Отпадната опрема собрана одделно на определеното место, се предава на самостојниот постапувач, односно колективниот постапувач врз основа на склучен договор со градоначалникот на Општината. Општината ќе обезбеди:

уредување и обележување на просторот,

поставување соодветни садови/контејнери,

видеонадзор (доколку е потребно),

информирање на јавноста.

Собраниот отпад ќе се предава на овластен собирач/преработувач согласно со закон. Со управувањето ќе биде задолжен овластен колективен постапувач со кој Општината ќе склучи договор со кој ќе се регулираат и меѓусебните обврски и други прашања од интерес на договорните страни.

Одлука за определување тарифи за вршење автотакси превоз на патници на подрачјето на Општина Делчево. Со оваа Одлука се определуваат тарифите за вршење на автотакси превоз на патници во рамки на општината, како и тарифата за вршење на авто-такси превоз кон друга општина или градот Скопје. Тарифи за пресметување на цената за вршење на автотакси превозот се следниве:

Тарифа 1.1дневна тарифа (во рамки на општината) се определува:

Старт (почеток на превозот со вклучен 1км)………………….70,00 денари

Изминат километар при возење…………………………………..25,00 денари

Еден (1) час чекање…………………………………………………….300,00 денари

Тарифа 1.2 ноќна тарифа од 22.00-05.00 часот и за време на празници и недела (во рамки на општината) се определува:

Старт (почеток на превозот со вклучен 1км)………………….90,00 денари

Изминат километар при возење…………………………………..25,00 денари

Еден (1) час чекање…………………………………………………….300,00 денари

Тарифа 2 (кон друга општина или градот Скопје)се определува:

Старт (почеток на превозот со вклучен 1 км) ……………….100,00 денари

Изминат километар ……………………………………………………..15,00 денари

Еден (1) час чекање…………………………………………………….300,00 денари

 

Цената за превозот се наплаќа врз основа на износот утврден со баждарен фискален апарат – таксиметар според утврдените тарифи во оваа Одлука. Превозникот е должен на видно место во возилото да ја истакне тарифата.

Одлука за одобрување средства за подмирување трошоци за електрична енергија на ООУ „Ванчо Прке“-Делчево со која се одобруваат финансиски средства во износ од 84.304 денарипо барање на ООУ „Ванчо Прке“-Делчево кои ќе бидат наменети за подмирување на трошоците за електрична енергија на ООУ „Ванчо Прке“-Делчево за месец декември 2025 и јануари 2026. Средствата ќе бидат исплатени од Буџетот на општината за 2026 година.

Одлука за одобрување средства за подмирување трошоци за електрична енергија на ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево со која се одобруваат финансиски средства во износ од 93.788 денари по барање на ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево кои ќе бидат наменети за подмирување на трошоците за електрична енергија на ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево за месец декември 2025 и јануари 2026. Средствата ќе бидат исплатени од Буџетот на Општината за 2026 година.

На Седницата, советниците донесоа и Одлука за утврдување на предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу ОпштинаДелчево и Општина Берово за вршење на работи и работни задачи во надлежност на општината, Одделение за инспекциски надзор-инспекторат, Овластен инспектор за туристичка и угостителска дејност помеѓу Општина; Усвоен е Извештајот за реализација на Програмата за активностите на Општина Делчево поддршка на граѓанскиот сектор во 2025 година; Одлука за промена на назив на установа и скратен назив; Усвоен е Извештајот за спроведувањето на Програмата за јавна чистота за 2025 година со Предлог-Заклучок за усвојување; Одлука за финансиска поддршка на Доброволна спасителска служба ОСОГОВО; Одлука за финансиска помош на Данијела Ивановска; Одлука за финансиска помош на Драгана Ѓорѓиевска; Одлука за финансиска помош на Кирчо Ризов; Одлука за финансиска помош на Ѓорѓи Марковски; Заклучок во врска со Барање на МЗ Тработивиште бр.09-3087/1 од 31.12.2025; Одлука за давање согласност на Одлуката на Училишниот одборна ООУ „Св.Климент Охридски“Делчево за отпис и расходување на електронски електричен отпад бр.02-71/4; Програма за активностите на месните и урбаните заедници на територијата на Општина Делчево за 2026 година; Програма за култура на Општина Делчево за 2026 година; Одлука за давање согласност на Програмата за работа на ЈКП „Брегалница“ за 2026 година; Одлука за измена на Одлуката за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во ООУ „Ванчо Прке“ Делчево бр. 09-2013/1 од 29.08.2025 година; Одлука за финансиска помош на Демир Јашаров; Одлука за финансиска помош на Ерол Садулов; -Одлука за избор на член од Советот на Општина Делчево кој одлучува во случај на конфликт на интереси на Градоначалникот. Одлука за давање на согласност на Одлуката за утврдување на надоместоци за користење под закуп на пазарни тезги и деловни објекти на „Градски пазар во Општина Делчево“, донесена од Управниот одбор на ЈКП „Брегалница“-Делчево.

 

 

Shares