
Општина Делчево започна со реализацијата на иницијативата „Играчи на кратки патеки“ која се базира на принципот „Think fast – Act fast“, односно мисли брзо делувај брзо и значи брзо размислување и уште побрза акција за решавање на локалните проблеми. Целта е преку кратки и интензивни активности да се создадат практични решенија, да се поттикнат микроиницијативи во заедницата и да се вклучат млади, активисти и институции во заедничка работа.
Оваа иницијатива , всушност, претставува третата фаза од Кампањата за да се ичисти Делчево-темелно, суштински и континуирано, но истовремено станува и дел од еден поширок концепт на брзи и конкретни акции за подобрување на заедницата.
Градоначалникот Гоцевски нагласи дека преку концептот „Играчите на кратки патеки“ се очекува да се појават нови идеи и брзи микроакции кои ќе дадат конкретни резултати за градот, но и ќе ја зајакнат културата на општествена одговорност и заедничка грижа за Делчево.
– Со подобрувањето на временските услови продолжуваме со нашата мисија за чист и уреден град. Во оваа фаза ќе се фокусираме не само на јавните површини во градот, туку и на дивите депонии кои се пријавени од вас – граѓаните. Заедно го правиме Делчево почисто, поубаво и поодговорно место за живеење, истакна Гоцевски.
Во рамките на овој пристап продолжуваат активностите за уредување на дел од речното корито на реката Брегалница, како и со расчистување на кејот покрај реката и централното градско подрачје кај паркот во Ново Делчево. Паралелно, се расчистуваат повеќе мини депонии и запуштени места со наталожено ѓубре и обраснати грмушки. Истовремено, во паркот во Ново Делчево се засадија повеќе дрвја, како продолжение на акцијата за засадување нови садници и збогатување на зеленилото во градот.



