Министерот за култура и туризам Љутков, во посета на Разловци и Делчево

  • Новости

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска беше во посета на Разловци, каде што заедно со стручната екипа од Националниот конзерваторски центар изврши увид во активностите за непосредна заштита на Спомен-домот Разловечко востание, еден од најзначајните симболи на отпорот на македонскиот народ за слобода.

-Денеска сум во Разловци, каде што заедно со стручната екипа од Националниот конзерваторски центар извршивме увид во конзерваторско-реставраторските работи за непосредна заштита на еден од најзначајните симболи на отпорот на македонскиот народ за слобода, Спомен-домот на Разловечкото востание. Оваа година, на 20 мај, одбележуваме 150 години од Разловечкото востание, јубилеј кој нѐ обврзува со уште поголема посветеност да го зачуваме и достоинствено да го претставиме нашето културно-историско наследство, рече Љутков.

Во рамките на целосната обнова на Спомен-домот, кој со години беше оставен на забот на времето, се изврши ревидирање на постојниот Основен проект за конзервација и реставрација, негово прогласување за културно наследство, како и непосредна заштита, која е во завршна фаза.

Паралелно се работи и на поставување нова музејска поставка која на автентичен и едукативен начин ќе ја раскаже приказната за востанието, за храброста, жртвата и значењето на македонскиот отпор. Вкупната вредност на проектот изнесува околу 21 милион денари.

Изведувач на работите е „Изградба комерц“, а Министерството за култура и туризам внимателно го следи процесот со цел да се обезбеди квалитетна и навремена реализација.   Целта на проектот е овој простор повторно да стане живо сведоштво за историјата и место кое ќе ги инспирира идните генерации.

Shares