Светот на детската фантазија продефилира низ Делчево

  • Новости

Обединети под „Априлијадата“ и бујната детска фантазија и имагинација, денеска стотина маски го обоија Делчево во знакот на детскиот свет. Низ градот продефилираа принцези, пчели, самовили, најразлични животни и ликови од детските бајки, но и јунаци кои се борат за правдата и се заштитници на обесправените. Тие преку своите маски ни покажаа дека светот може да биде поубав, поразигран, а секој костум носи приказна раскажана од детските очи и смеа. Низ џагор и смеа, детскиот свет потсети дека смеата, креативноста и ведриот дух се дел од секојдневието што треба да го негуваме.

Годинава домаќини на „Априлијадата“ беа ученици од ООУ „Ванчо Прке“, кои со многу шеги и игра на летната сцена во Делчево, ја разбрануваа многубројната публика и покажаа дека оваа манифестација не е само игра. Таа е симбол на детството, на слободата да се биде свој и на храброста да се сонува.

На летната сцена со своја игра под маски, освен учениците на ООУ „Ванчо Прке“, настапија и ученици од ООУ „Св.Климент Охридски“, а голема атракција беа најмалите, дечињата од детската градинка „Весели цветови“. Сите заедно на сцената, тие испратија порака дека Априлијадата е повеќе од дефиле- таа е сцена на која децата сакаат да ја изразат својата фантазија за да се создаде еден поубав свет.

Традиционално, Априлијадата се организира по повод Денот на шегата, 1 Април, но поради лошите временски услови во делчево, организаторите одлучија танцот на децата под маски да се одржи денес.

Инаку, организатор на настанот е Општина Делчево со поддршка на сите образовни институции во градот и НУЦК „Н.Ј.Вапцаорв и ЈЛБ „Илинден“.

Shares