Одбележан Светскиот ден на здравјето Гоцевски: здравството не е само систем-тоа се здравствените работници-луѓето во него

  • Новости

Здравствениот дом во Делчево денеска со пригодна свеченост го одбележа Светскиот ден на здравјето, 7 Април, кој годинава се одбележува под мотото „Здрави почетоци, надеж и иднина“. Во рамките на настанот, се обрати градоначалникот Гоцевски, а додели и Благодарница на Здравствениот дом за досегашната успешна соработка со Општина Делчево. Во своето обраќање тој го потенцираше значењето на Светскиот ден и улогата на здравствените работници.

 

–          Ми претставува чест што денеска имам можност да се обратам на овој убав собир по повод Светскиот ден на здравјето, 7 Април, и да оддадам искрена почит и благодарност на сите вас, на сите здравствени работници кои својот живот го посветиле на највредната мисија-грижата за здравјето на човекот. Воедно, сакам и да го честитам денешниот верски празник Благовец. Поврзувањето на овие два празника не е само календарски, туку и суштинско, бидејќи двата празника го слават животот и неговото зачувување, ја истакнуваат важноста на грижата од самиот почеток, носат порака за надеж, грижа и хуманост. Токму затоа, 7 април има двојна симболика-духовна и општествена.

–          Вашата посветеност е темел на довербата во здравствениот систем и гаранција за сигурноста на секој граѓанин. Затоа наша обврска е да продолжиме да вложуваме во здравството, да ги подобруваме условите и да ја вреднуваме вашата работа. Нека овој ден биде потсетник дека здравјето е заедничка одговорност, а вие сте негови најголеми чувари.

–          Како Општина, ги користиме сите механизми за да помогнеме во осовременувањето  на Здравствениот дом. Успеавме преку донација од Дирекцијата за заштита и спасување да набавиме уште едно санитетско возило за потребите на итната медицинска служба, а во соработка со граѓанска организација е обезбеден дигитален апарат за далечинско следење на 5 витални функции на пациенти во домашни услови и овој апарат го подаривме на Здравствениот дом во интерес на нашите сограѓани.

–          Ова е само дел од нашите заложби кои водат директно до нашите граѓани, пациенти со цел да добијат квалитетна здравствена услуга. Јас го охрабрувам менаџментот на Здравствениот дом, да се посвети кон набавка на нови апарати и опрема потребни за нашите амбуланти со цел граѓаните да можат овде, без дополнителни трошоци и патување до други центри, да добијат дијагностика и соодветна терапија.

–          Како градоначалник сум тука да помогнам во остварување на овие цели-бидејќи сите тие се во насока на подигнување на квалитетот на живот на граѓаните. Пристапноста до основни здравствени услуги е право на секој поединец, но и наша обврска тоа да го обезбедиме како носители на функции и институции. Воедно, сакам да истакнам и дека со материјали и средства, како општина, помагаме за изградба на првиот парк во дворот на Здравствениот дом кој го посветивме на нашиот сограѓанин, Илчо Гоцевски- директна жртва од големата трагедија во „Пулс“ во Кочани. Дворот ќе биде пријатно катче за одмор, убав простор околу здравствениот дом кој ќе ја подобри визуелната слика и ќе донесе повеќе зеленило, дрвја и клупи, нагласи Гоцевски.

Гоцевски истакна дека да се биде здравствен работник значи, пред сè да си хуман. Значи да се биде тука кога е најтешко, да се даде надеж, кога таа недостига и да се враќа со насмевка таму каде што имало болка.

–           Многу пати, посебно од пандемијата со корона, слушаме дека сте вие:  нашите херои. Ова не е обична флоскула, туку израз кој ја отсликува вистинската ваша улога, а наша потреба како граѓани. Со вашата посветеност, стручност и човечност, градите доверба, спасувате животи и ја зајакнувате заедницата. Овој ден е потсетник дека здравството не е само систем-тоа сте вие-луѓето во него. И затоа наша обврска како општество е да продолжиме да вложуваме, да поддржуваме и да создаваме подобри услови за вашата работа. Нека 7 Април биде ден кога ќе кажеме гласно-благодарам. Благодарам за секој спасен живот, за секој утешен пациент, за секој момент на грижа и човечност. Ви посакувам многу добро здравје, сила и уште многу успеси во вашата благородна мисија, нагласи Гоцевски.

Инаку, на настанот директорката на Здравствениот дом, д-р Билјана Ѓеоргиевска додели благодарници по повод Светскиот ден на здравјето. За најхуман лекар е прогласена д-р Виолета Ѓорѓевска, лекар специјалист трансфузиолог со 37 годишно работно искуство, а за најхумани медицински сестри од Делчево и Македонска Каменица; Дафинка Славевска и Виолета Васевска. Благодарници добија и пензионирани лекари кои долги години беа дел од установата.

Shares