Се одбележа Меѓународниот ден на Ромите

  • Новости

Под мотото „И ние сме дел од општеството“, по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, во организација на Општина Делчево и РЕЦ ТЕРНИПЕ МК беше одржана пригодна свеченост на која се славеше ромската култура и традиција, но се потенцираше и мултикултурализмот како водилка во општеството.

На свеченоста, градоначалникот Гоцевски ги додели и традиционалните парични награди на најдобрите ученици Роми во трите образовни институции во Делчево истакнувајќи дека ова е еден инструмент за мотивација на учениците Роми да постигнуваат поголеми успеси во образованието, а годинава наградите се со зголемен износ од илјада денари.

 Награда во висина од 11.000 ден доби средношколката Хулејда Мемедова ученичка во СОУ „М.М.Брицо“ во 1 година средно стручно образование; Награди во висина од 6.000 ден. добија Зекри Ибраимов ученик во ООУ „Ванчо Прке“ во 9 одд. и Јасен Демиров од ООУ „Св.Климент Охридски“ во ПУ во с. Тработивиште ученик во 7 одделение.

Градоначалникот Гоцевски обраќајќи се пред присутните истакна дека овој ден  има посебно историско и симболично значење за нашите пријатели, сограѓани, соседи од нашето маало, Ромите.

 -Меѓународниот ден на Ромите не е само датум, туку, ден со кој  оддаваме  почит кон историјата, културата и духот на ромската заедница, но и ја потврдуваме нашата заедничка обврска-да градиме општество во кое секој човек има еднакви можности, достоинство и глас што се слуша. Овој ден е потсетник дека различностите не нè делат, тие нè збогатуваат. Да не дозволиме ниту еден човек да биде оставен на маргините! За мене, овој ден повикува на акција- да изградиме општество во кое различностите се почитуваат, а еднаквоста не е идеал, туку реалност, да бидеме заедница која гради мостови, а не ѕидови, нагласи Гоцевски.
Ермина Реџепова, претседателка на ТЕРНИПЕ МК го истакна значењето на мултикултурализмот како придобивка во едно општество. 

На настанот беше презентирана ромската култура и традиција и ромскиот јазик; на сцената настапија учениците од ООУ „Св.Климент Охридски“- ПУ во с. Тработивиште; беше презентирана фолклорната ромска традиција со изведба на балкански ромски танци на членовите од ТЕРНИПЕ-МК;  а за прв пат на сцена настапи и блех-оркестарот составен од млади изведувачи; Традиционално свеченоста заврши со традиционалната ромска трпеза подготвена специјално за овој настан.

Shares