
Општина Делчево го започна процесот на изработка на новиот стратешки документ кој ќе го планира локалниот економски развој за период од 5 години. На работилницата присуствуваа претставници од институциите, од граѓанскиот сектор, од бизнис-заедницата и од Општина Делчево, а првата работилница ја отвори градоначалникот Гоцевски.
Гоцевски истакнувајќи го значењето на овој стратешки документ истакна дека Стратегијата за ЛЕР е еден од најважните стратешки документи што го планира стратешкиот развој на Општината и претставува јасна визија и насока за економски напредок и подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.
– Ова не е само административен процес туку заедничка мисија. Мисија да создадеме силна, одржлива, конкурентна, локална економија. Мисија да отвориме нови можности, за вработување, за развој, да ги поддржиме локалните бизниси и да изградиме средина во која младите ќе ја гледаат својата иднина, токму тука, во нашето Делчево. Во овој процес ги вклучуваме сите-стопанственици, институции, граѓански организации и секој поединец кој сака да придонесе- е добредојден. Верувам дека најдобрите решенија се раѓаат токму од заеднички идеи, дијалог и партнерство- да создадеме одговорен и инклузивен план. Нашата цел е јасна: да ги искористиме потенцијалите што ги имаме, да привлечеме нови инвестиции и да обезбедиме стабилен економски раст кој ќе се чувствува во секое семејство. Затоа, овој стратешки документ за нашата Општина има огромно значење. Документот нуди рамка за развој на нашата Општина во секоја смисла на зборот, нагласи Гоцевски.
Инаку, во стратешкиот документ преку партиципативен пристап ќе се одредуваат прироритетните области со визијата и мисијата на Општината, а планирано е да се одржат две работилници. Драфт-верзијата на документот се очекува да биде готова по годишните одмори по што документот ќе биде ставен на јавна расправа, а конечната верзија ќе биде дадена на усвојување од Советот на Општина Делчево.







