
На детските игралишта во населбата Милково Брдо се санираше оштетената урбана опрема, се бојадисуваа клупите со што игралиштата добија нов лик и прераснаа во пријатно катче за одмор и рекреација. Уредувањето на детските игралишта е во рамките на првата волонтерска акција која ја организираше Општина Делчево заедно со млади волонтери од ОО на Црвен крст Делчево, вработени од ЈКП „Брегалница” Делчево и лица ангажирани преку Програмата за јавни дејности. Потребните материјали и средства за реализација на акцијата ги обезбеди Општина Делчево.
Со оваа интервенција започна волонтерската акција за уредување и санирање на парковите и игралиштата која согласно планот треба да ја опфати целата територија на Општина Делчево.
Градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека оваа волонтерска акција беше неопходна, бидејќи состојбата со детските паркови и игралишта кои беа доста запоставени и се наоѓаат во многу лоша состојба, со искршени клупи и дотраени реквизити, претставуваа ризик за користење.
–Во изминатиот период, тревните површини се искосени, старите и оштетени клупи ќе се заменуваат со нови, дел од постоечките клупи се реставрирани и обновени, детските игралишта постепено ќе ги санираме со нови и заменети делови на реквизитите. Со овие активности, целта е повторно да се врати детскиот џагор во парковите и да се обезбеди безбедна и пријатна средина каде децата ќе можат слободно да играат и да уживаат. Не пропуштајте ја шансата како ВОЛОНТЕР да бидете дел од оваа наша прекрасна приказна за која редовно ќе информираме, нагласи Гоцевски.
Волонтерите ќе го разубавуваат целиот град и ќе реагираа секаде каде има поставено урбана опрема, при што со акцијата ќе се опфати и санација и бојадисување на канделабрите, оградите на мостовите и сл.



