
Најавтентичната порака, секако ја испраќа старата црква „Св. цар Константин и царица Елена“. Таа претставува спој на религиозната традиција, уметничката вредност и историското наследство. Особено се издвојува по своите фрески, староста и поврзаноста со значајни настани од македонската историја.
Записите велат дека во периодот на Разловечкото востание, посебно во времето на неговата подготовка, црквата е место, каде што се одржувале најтајните договори и каде се придобивале истомислениците. Црквата е жариште од каде почнува да се шири и да се разгорува желбата за борба за слобода, за поубав и посреќен слободен живот, за Разловци, без Турци и турска власт.

Пишувани материјали за градбата на црквата нема. Детерминирањето на изградбата се толкува според записите на иконите и иконостасот. На иконата „Св.цар Константин и царица Елена“ пишува дека иконата е завршена на 10 декември 1859 година што значи дека црквата веќе била изградена.
Карактеристично за црквата е што е вкопана и градена длабоко во земјата, по тогашниот терк наметнат од Османлиите, кога постоеле строги правила кои ги ограничувале христијанските храмови кои не смееле да бидат повисоки или повпечатливи од џамиите.

Узунски трагајќи по приказната за црквата, пренесува дека иницијатор за градбата на црквата бил поп Стојан кој во тоа време бил млад, односно „во најубавите години“. Поддршка на оваа иницијатива дале Цоне Спасов и неговите два зета, Стоил Ѓоргов и Ѓорѓија Терзиски, а кон нив се приклучил и Стоил Ковач. Црквата ја граделе на Манчовската нива на која Манчовци сееле жито. Тие се согласиле да ја дадат својата нива за градба на нова црква.

Сепак, градбата на црквата не одела лесно. Во монографијата „Разловци“ се пренесени податоци од жителите кои раскажувале дека турската власт неколку пати ја стопирале изградбата на црквата со образложение дека тука немало црква и затоа не дозволувале изградба. Но, жителите се досетле и на предлог на Цоне Спасев го донеле камениот крст од старата црква „Св.Никола“ и го закопале во земјата. Со оваа измама, тие подоцна докажале на Турците дека на тоа место имало претходно црква, па градбата продолжила. Во изградбата на црквата учествувале сите жители и мажи и жени и деца.

Црквата е по многу нешта единствена. Таа е целосно зографисана, поседува ретки и вредни фрески што ја прави значајно културно наследство. Иконите потекнуваат од 19 век, дел се дело на познатите зографи како Глигорие, Василие Зограф и други мајстори. Но, највпечатливи се ликовите на ктиторите изработени како икони, сместени веднаш до влезот на црквата од десната страна, односно на западната страна на црквата: Поп Стојан, Цоне Спасов, Стоил Ѓоргов и Стоил Ковач. Поради учеството во Востанието, поп Стојан го прекрил својот лик со вар и пепел и така останал сокриен 100 години. Откриен е во 1976 година по повод 100-годишнината од Востанието.

Посебен куриозитет е што вратите на оваа црква сѐ уште ги отвора стариот железен клуч стар скоро три века, но и фактот дека во црквата и на иконостасот е на повеќе места нацртано македонското сонце.




