
По повод 23 април – Светскиот ден на книгата и авторското право, во ЈЛБ „Илинден“ – Делчево се одржа дебата на тема „Електронско читање – предности и недостатоци“, на која активно учество зедоа учениците од IX-1 одделение при ООУ „Ванчо Прке“ – Делчево, заедно со нивниот класен раководител Билјана Стоиловска, наставник по македонски јазик.
Во дебатата свое обраќање имаше директорката на библиотеката Билјана Петровска, која истакна дека изборот помеѓу електронското и традиционалното читање зависи од личните навики и потреби.
„Најважно е да се чита, без разлика на форматот, бидејќи читањето секогаш го збогатува умот и духот“, нагласи Петровска, додавајќи дека библиотеката, во зависност од можностите, ќе работи на дигитализација на својот книжевен фонд.
Пред присутните зборуваше и Билјана Стоилова, наставник по македонски јазик во ООУ „Ванчо Прке“, која се осврна на значењето на читањето и познавањето на македонската граматика.
Во дискусијата се вклучи и Даниела Такева од Општина Делчево, лектор и поранешен новинар, која говореше за предизвиците што ги носи дигиталното време, употребата на латиницата наместо кирилицата на социјалните мрежи, како и честата појава на зборови со погрешно или изменето значење.
– Без разлика дали текстот е во книга, на екран или во кратка објава, јазичната точност е она што му дава кредибилитет, јасност и вредност. Лектурата не е само техничка проверка – таа е процес на „чистење“ и усовршување на мислата. Таа обезбедува текстот да биде разбирлив, логичен и стилски уедначен. Во традиционалното издаваштво, лектурата била задолжителен чекор, што придонело книгите да станат пример за правилен јазик и култура на изразување. Денес, со лесното објавување на содржини онлајн, овој чекор често се прескокнува, што води кон пад на јазичните стандарди, нагласи Такева.
Свое искуство сподели и Југра Симева, наставник по македонски јазик во пензија, која зборуваше за тоа како учениците во минатото ја доживувале книгата и љубовта кон читањето.
Сите говорнички се и редовни читатели, а дискусијата отвори значајни прашања за навиките на читањето во современото време и улогата на книгата во дигиталната ера и јазичната култура.
По традиција, на Светскиот ден на книгата, ЈЛБ „Илинден“ – Делчево го избира и читателот на годината. Годинава ова признание им припадна на Даниела Стефановска и Едвина Бекирова, со желба и понатаму да останат верни читатели на библиотеката.
Инаку, 23 април е избран за Светски ден на книгата и авторското право во чест на големите книжевни великани Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир. Уште во 1923 година во Шпанија, продавачите на книги започнале традиција на размена на книги наместо рози во чест на Сервантес, а во 1995 година, УНЕСКО официјално го прогласил 23 април за Светски ден на книгата.
Овој ден има за цел да ја поттикне љубовта кон читањето, особено кај младите генерации.



