
Централна личност во Разловци пред Востанието, за време на неговите подготовки и неговата изведба, бил поп Стојан. Во селото уживал голема почит, реагирал на неправдите и помагал на обесправените и понижени соселани. Тој е еден од иницијаторите на Востанието заедно со неговиот зет за најмалата ќерка, Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски. Големите неправди што ги трпело населението, високиот арач кој морале да го плаќаат, честите зулуми и грабања на девојките и младите несвести од Турците, ја направиле неиздржлива состојбата на населението. Соочени со неиздржливото секојдневие, кај месното население лесно се разгорела искрата за слобода. Клучно влијание за создавање на револуционерното јадро во Разловци, имал Димитар Поп Ѓеорѓиев Беровски, зет за најмалата ќерка, Марија, на поп Стојан. Секогаш авторитетен и посветен на правдата и на поддршката на народот, поп Стојан идејата ја претворил во акција. Успеал да создаде револуционерно јадро од свои блиски и доверливи луѓе од своето село, како и од околните малешевски и пијанечки села.
Сепак, раководната улога на Востанието му ја оставил на Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски. Не гледајќи излез од состојбата, Димитар донел одлука за кревање на Востанието. Бидејќи немало средства за оружје, Димитар го овластил поп Стојан да го продаде неговиот имот во Берово, за да се обезбедат потребните средства. Поп Стојан, тоа и го направил и веднаш било купено оружје. На тој начин, поп Стојан станува главен двигател на сите акции за подготовка и кревање на Востанието.

На почетокот на 1876 година во колибата на поп Стојан во месноста Калаџерџево се одржале три советувања во насока на подготовка на Востанието. На советувањата покрај другите учествувале: Констадин Поп Стојанов, Нико Коџобашијата,Цоне Спасов (сите од Разловци)браќата Нако и Стоил Поп Атанасови (од Истевник), Хаџи Атанас (од Драгобрашта), Цоне Дончев (од с. Лаки), Стефан Стојанов (од Виница) и други. На советувањата се разгледувала состојбата со купеното оружје и било заклучено дека купеното оружје е недоволно и треба да се продолжи со купувањето, а народот сам ќе треба да се снабдува со оружје.
За да го овозможи посигурното вооружување, поп Стојан им ветил на присутните дека тој како поимотен ќе го плати сиот десеток на разловчани за да можат тие повеќе внимание да посветат на вооружувањето. Снабдувањето со оружје претставувал голем товар, но не само од финансиска природа, туку во себе криело и голема опасност од предвременото откривање на Востанието. Учесниците му ја довериле набавката на оружје на поп Стојан. За таа цел во декември 1875 г., тој решил да го испрати синот Костадин заедно со Коте Карчев во Солун со 8 крави, 2 вола, два товара масло и неколку кожи за да ги продадат и со парите да купат оружје.Набавката на оружје траела цели три месеци. Исто така, била купена и црвена свила за да се извезе знамето на Востанието.
Откако била набавена одредена количина оружје, тоа било пренесувано од Солун во селото со помош на на малешевските и пијанечките кираџии скришум водени по тајни патишта натоварени на коњи и штитени од Димитар Беровски и од Коста Карчев. Оружјето пристигнало во селото кон крајот на април 1876 г.
По Првото советување, Димитар Поп Ѓеоргиев Беровско, откако се вратил во Солун се среќава со учителките Недела Петкова и нејзината ќерка Станислава Караиванова и ги задолжува да ја остварат неговата идеја за изработка на знаме на Востанието. На Второто советување било одлучено Востанието да започне најпрво во Разловци, а за водач бил избран Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски. По избувнувањето на Востанието во Разловци, тоа требало да се прошири и во другите села, каде востаничката организација имала свои ограноци во Пијанечко, Малеш, Виничко, Кочанско, Струмичко, Петричко, Мелничко.
На Третото советување што се одржало на 7 мај –стар календар, 1876 г. учествувал и Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски и го изнел планот за Востанието, според кој, главниот напад требало да се изврши на Царево Село, центар на Пијанец, каде требало да се ликвидира турската власт и со запленетото оружје да се вооружат нови востаници. Потоа востаниците да се упатат кон Малеш каде главниот напад ќе биде на Пехчево. На Третото советување, Беровски со себе го донел и знамето на Востанието на кое не го пишувало датумот на почетокот на Востанието.

Како што наведува Стоичовски во „Пијанечката Република“, за време на одржувањето на Третото советување се случил инцидент во Разловци, каде дошле поголем број турски спахии и тапиџии и се заканувале дека ќе фатат десетина видни селани кои ќе ги однесат на сослушување во Царево Село, а исто така и две девојки ќе земат за потурчување. Турците се заканувале и дека ќе го запалат селото и ќе им ги урнат куќите. Востаниците се посомневале дека Турците разбрале за подготовките на Востанието и одлучиле Востанието да се крене предвреме.



