
Општина Делчево е подготвена за првиот Бизнис-форум кој ќе се одржи под мотото „Заедно да подадеме рака на развојот“ и ќе ги обедини бизнис-секторот од пограничниот регион, институциите и локалната самоуправа и претставува платформа која обединува идеи, визии и можности за економски напредок на Делчево.
За градоначалникот Гоцевски бизнис-форумот е една алатка за градењето понапредна и поврзана бизнис- заедница, каде што границите се мостови за соработка.
-Нашата цел е јасна-да создадеме поволна бизнис-клима, да ги промовираме приоритетите за развој на Делчево, можностите за инвестиции кои се во насока на подобрување на локалниот економски развој и квалитетот на животот на граѓаните, но и да ги поддржиме домашните компании, да придонесеме за нивно вмрежување и отворање нови перспективи. Целите се повеќеслојни, но заеднички именител на овие наши напори е отворен дијалог и конкретни иницијативи кои ќе донесат резултати за пограничниот регион, нагласи Гоцевски.
На настанот ќе учествуваат претставници на институции и бројни компании од нашата општина и пограничните општини од Република Бугарија, со цел поттикнување на соработката во областите на трговијата, производството и инвестициите, како и создавање нови можности за деловно вмрежување.
Средбата на бизнисмени ќе ја предводи градоначалникот на Општина Делчево, а форумот нуди уникатна можност за:
– Вмрежување и соработка;
– Размена на идеи и добри практики;
– Афирмација на локалните и регионалните можности за развој на стопанството;
– Поттикнување на заеднички проекти за одржлив економски развој и зелена циркуларна економија.
Бизнис-форумот ќе се одржи на 30 април (четврток) со почеток од 12 ч во салата во Спомен-домот АСНОМ.



