Разгорена искрата за слобода

  • Новости

Истиот ден до полноќ се собрале околу 60 луѓе во Калаџерџево, веднаш бил направен план наредниот ден на 8 мај да се објави востанието во Разловци со фаќање на турските спахии и тапиџии, да се ослобдат соселаните и да се испратат курири во Берово и другите села во Малешевијата кои ќе ги информираат за планот.

Според планот, неколкумина требало да заземат места на влезовите на селото и на мостот на река Брегалница, а другите да влезат во селото и да ги нападнат неколкуте Турци коишто биле сместени во анот на Поп Стојан, а другите во куќата на коџобашијата Нико.

Дел од Турците биле ранети и успеале да избегаат преку реката Брегалница. Но, Узунски пренесува сеќавање од зборовите на стариот дедо Нако, кој гледајќи ги Турците како бегаат преку Брегалница, се провикнал: „Гледајте како сега сами ја минуваат реката, а до вчера нѐ тераа да ги преносиме на грб. Уште 100 години да живеете нема тоа да го доживеете.“

Озлогласениот Алиман кој бил ранет се сокрил во куќата на баба Орданка Џабирска. Востаниците ја запалиле куќата, а како што опишува Узунски споделувајќи ги раскажувањата од селаните, во пожарот се стопило и златото на Алиман што го носел во појасот, а во огнот, народот почнал да ги фрла тапиите и коџобашиските тефтери и рабуши во кои биле забележани и нивните долгови.

Поп Стојан ја запалил својата куќа и заедно со фамилијата се упатил со првата чета кон Митрашинци заедно со Димитар Беровски и развеаното знаме на Востанието. Населението од Разловци заедно со стоката се скриле под падините на Голак во Ѓаволовиот дол, плашејќи се од осветата на Турците.

И Узунски и Стоичовски наведуваат дека Беровски прави тактичка грешка поделувајќи ги востаниците во две чети. Едната чета ја води Цоне Спасов-Ингилизот кој останува со населението да го заштити, а втората, Беровски кој заминува за Митрашинци, каде се судрува со турскиот аскер. Беровски е ранет во борбата и тоа негативно се одразува во понатамошниот тек на Востанието. По овој настан, наместо за Берово, востаниците на 9 мај (ст.календар) се враќаат во Разловци при што го напаѓаат и го разбиваат турскиот башибозук. Во борбите, востаниците имале 12 загинати од нив 10 мажи и две жени, а тројца од башибозукот.

По ослободувањето на Разловци, Беровски со четата заминува за с. Лаки, каде успева со поддршка на селаните да го ослободат и селото. Од с. Лаки, четата на Беровски заминува за Смиљанци-Радовишко, но неговата идеја за проширување на востанието пропаднала, како што наведува Узунски, четата задоцнила и населението повторно го скрило оружјето. Слична била ситуацијата и кога се вратил во Малешевијата. Турскиот аскер веќе се движел кон Малешевијата, па востаниците го сокриле оружјето и се повлекле.

Проф.д-р Стоичовски објаснува дека планот за проширување на Востанието пропаднал. Во тоа време 300 вооружени беровчани и владимирци 4 дена со нетрпение го очекувале Беровски да дојде и да им се придужи во Малешевските Планини. Но, тој задоцнил, а Турците успеале да извршат притисок врз востанатите Македонци да се вратат од планината во своите домови. Со тоа и втората надеж на водачот на Востанието пропаднала. Останале само две востанички чети во Малешевските Планини, четата на Беровски и на Цоне Дончев. Сите овие објективни околности биле причина Востанието да не добие во својата масовност и да биде проширено во повеќе македонски региони.

На 28 мај, турската власт го засилила кордонот од турски аскер и башибозук околу востаничките села. Така, на 28 мај во Струмица и Радовиш пристигнал турски аскер од 500 луѓе, во Мелник и Петрич, 1000 војници, во Горна Џумаја, исто така, 1000 војници, а кон Малешевско се упатил Кел Хасан-паша, загушувачот на Панаѓурското востание во Тракија, со еден цел табор анадолиска војска. Од башибозуците најмногу страдале избеганите жени и деца, нивните куќи и стока. Но, главна цел им била востаничкото село Разловци и четата на водачот Беровски. Само за неколку дена Разловци по втор пат било изложено на метеж, куршуми и оган. Го ограбиле она што останало од првото пљачкосување и ги дозапалиле куќите. Вкупно десет семејства вклучувајќи го и семејството на поп Стојан биле испратени на судење во Ќустендил.

Узунски пренесува дека откако заминал Беровски со четата кон с. Лаки, разловчани живееле во страв од одмаздата на Турците. Кон Малешево и Разловци се упатил Кел Хасан- паша со цел табор војска на која по патот и се придружил голем број башибозук. Отпорот на селаните и останатите востанички чети бил недоволен за да се одбрани селото и Разловци било плен за башибозуците.Турците од бес ја опљачкале и црквата во селото, ја запалиле куќата на поп Стојан и други три куќи и откако ги прибрале селските стада со овци се оддалечиле од Разловци.Турските власти не бирале средства со цел да го заплашат побунетото население во повеќе места во Македонија. Нивните тортури над поголем број македонски затвореници биле исклучително ѕверски.

Но и покрај сите нечовечки и ѕверски постапки на турските власти при задушувањето на Разловечкото востание, четата на Димитар Беровски, како јадро на Разловечкото востание, составена од 30 души, успеала со невиден самопрегор, гладна и уморна да се зачува и понатаму, иако во голем број проретчена. Иако ранет во главата, војводата Димитар Беровски за цело време стоел на чело на востаничката чета водејќи ја смело низ густиот обрач од турскиот аскер. Таа се префрлила од Малешевско во Мелничко, од Мелничко во Петричко, а презимила во селото Сажденик. Во текот на овие скитања и криења од турскиот аскер, четата го загубила и еден од најдобрите борци и осмислувачи на Востанието, поп Стојан кој со намера да се спаси од многубројните турски потери, дошол во Рилскиот манастир. Но, таму тој бил забележан од турските заптии што престојувале во манастирот и бил ликвидиран.

Во рамките на револуционерниот вриеж и кревањето бунт и востанија од 70-тите години на 19 век, Разловечкото востание претставува само една алка од синџирот на народните движења преку која се поврзува македонскиот народ со другите народи на Балканот во борбата за нивното ослободување од турското ропство. Истовремено, преку него, македонскиот народ ги направил и своите први чекори за помасовно вооружено пресметување со вековниот потисник и експлоататор.

Shares