Се одржа првиот Бизнис-форум во Делчево Градоначалникот Гоцевски: Денес разговараме за можностите и за иднината

  • Новости

Потенцијалите за развој на Делчево, новиот ГУП, економските зони и новите можности за инвестиции што ги нуди Делчево беа презентирани на Бизнис-форумот кој се одржа денеска во Делчево и кој на едно место ги обедини бизнис-заедницата од Делчево и од пограничниот регион, инвеститори, претставници од централната власт и на институции, но и општини од соседна Бугарија и претставници од Македонско-бугарската стопанска комора.

Под мотото „Заедно да подадеме рака на развојот“, форумот се одвиваше во 3 панел-дискусии: Локален економски развој, иновации и дигитализација и регионална соработка и можности на ИПА-програмата на кои говореа проф. д-р Орце Симов, претседател на ИКТ-комора на Македонија и претседател на АЕК, Јане Вангеловски, помошник-раководител на Секторот за ЕУ во МЛС, Тони Стоименовски, советник за ЛЕР во Општина Делчево, а свои обраќања имаа и Марјан Ристески, заменик-министер во Министерството за економија и труд, Мила Секуловска, претставник од Македонско-бугарска стопанска комора и градоначалникот на Општина Благоевград Методи Бајкушев.

 

Домаќинот на форумот, градоначалникот Иван Гоцевски кој го отвори форумот, во своето обраќање посочи дека бизнис-форумот претставува платформа која обединува идеи, визии и можности за економски напредок на Делчево.

-Овој форум го сфаќам како почеток на нови пријателства и партнерства, нови идеи и нови успеси. Како одговорна локална самоуправа, ние не сме само институција, ние сме вашите партнери. Нашата обврска е да создадеме средина во која вашиот труд ќе расте, ќе се развива и ќе дава резултати. Ќе продолжиме да работиме посветено за да обезбедиме стабилност, поддршка и услови што ќе го поттикнат секој ваш чекор напред. Заедно можеме многу повеќе. Заедно можеме да создадеме дела што ќе остават трага и ќе ја остварат нашата визија за ова убаво гратче на крајниот исток од државава, како посакувана инвестициска дестинација, нагласи Гоцевски.

Тој нагласи дека сите имаат обврска преку професионалното делување да се овозможат нови текови на развој кои ќе ја обезбедат иднината на убавото гратче покрај Брегалница и ќе ги задржат младите дома, овде да ја градат својата кариера и да формираат семејство и да ја продолжат приказната на пограничното гратче менувајќи го наративот и говорејќи само за успешна бизнис-клима и услови за раст и развој.

– Денес сме тука да го направиме тој прв чекор кон развојот. Да разговараме за економијата и за иднината. Да разговараме за можностите што ќе ги оставиме на идните генерации. Овој бизнис- форум е нашиот прв мал чекор од кој треба да порасне нов успех, нова иднина, која носи раст и развој, нагласи Гоцевски.

 

Заменик-министерот Марјан Ристески во своето обраќање посочи дека организирањето на ваквите бизнис форуми се одлична можност за вмрежување на компаниите и инвеститорите, но и поврзување на бизнис-заедницата и институциите што може да резултира со создавање нови економски можности и инвестициски иницијативи.

Сметам дека Општина Делчево, како и останатите општини од Пијанечкиот и Малешевскиот регион имаат многу што да понудат на инвеститорите од Македонија и Бугарија, дека постои голем потенцијал за економска соработка, а секако треба да се искористат и можностите за прекуграничната соработка – кажа заменик-министерот Ристески.

 Во рамките на форумот беше организиран и саем на локални фирми на кој со свои производи се претставија 9 фирми: ФРОТИРКА-КОМПАНИ, АЛСОЛЕ, СОНИТЕКС, РУДИНЕ, ММЦ, БРЕГАЛ, а презентација на специјалитети понудија рестораните: МОНОПОЛО, ЦАРЕВОСЕЛСКИ, ДВЕ ЛИПИ и индивидуални производители.

Shares