Прва работна средба на претседателите на општинските совети во ИПР се одржа во Делчево

Денеска во Делчево се одржа првата работна средба на претседателите на советите од општини од ИПР со единствена цел за унапредување на работата на општинските совети, споделување добри практики и размена на искуства.

Средбата се одржа на иницијатива на претседателот на Советот на Општина Делчево, Николчо Стојменовски кој во своето обраќање пред присутните претседатели нагласи дека организацијата на средбата е уште еден доказ дека Делчево активно и посветено придонесува кон развојот на целиот регион.

-Во изминатите години имавме можност многу пати да се увериме дека изолираното делување, колку и да е добронамерно, често доведува до ограничени резултати, удвојување на напорите и пропуштени можности. Предизвиците со кои се соочуваме – подобрување на сообраќајната и комуналната инфраструктура, економски развој, привлекување инвестиции, задржување на младите во регионот, заштита на животната средина, развој на туризмот и земјоделството – се заеднички. Токму затоа, единствениот вистински и најефикасен пат напред е преку регионална соработка и партнерство. Кога ги споделуваме нашите искуства, добри практики, човечки и финансиски ресурси, кога заеднички планираме и аплицираме за средства од државни и меѓународни фондови, тогаш нашите проекти стануваат поголеми, поодржливи и со значително поголемо влијание врз квалитетот на животот на граѓаните во сите општини од регионот, нагласи Стојменовски.

Тој очекува дека овој вид работни средби на претседателите на советите ќе прерасне во традиција.

На средбата учество зедоа претседатели на советите од општините: Штип, Кочани, Кратово, Виница, Пехчево, Берово, М.Каменица, Чешиново-Облешево, Зрновци.

Инаку, на работната средба покрај размената на искуства и добри практики, беше презентиран заедничкиот проект кој се реализира преку ИПР „Регионален центар за згрижување и контрола на популација на кучињата скитници и ветеринарно здравство во ИПР“, како и проектот кој се реализира во Делчево преку ИПА-програмата за прекугранична соработка во партнерство со Општина Благовеград.

Shares