![]()
Акцијата за пролетно чистење на Делчево позната како „Генералка викенд“, ќе се одржи в понеделник, 11.05.2026 г., со што и Делчево се вклучува во семејството општини и институции кои со свои активности се приклучуваат во една од најмасовните манифестации за пролетно чистење на градовите. Манифестацијата мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини и над 250 државни институции, а во Дечево се очекува масовно учество на волонтери, вработени во општинската администрација, Граничната полиција и Царинската управа, ЈКП „Брегалница“, образовните институции, претставници од граѓанскиот сектор, месните и урбаните заедници, но и други институции и фирми и заинтересирани граѓани.
Акцијата за пролетно чистење започнува од 11.00 ч, а ќе се одвива во централното градско подрачје, на Граничниот премин Делчево, додека претставниците на месните и урбаните заедници ќе се вклучат со свои активности во местото на живеење.
Се повикуваат граѓаните со свој пример да придонесат за почисто Делчево и во акцијата да се вклучат со чистење на тротоарите и пристапите до своите места на живеење.
ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е пролетна акција за чистење и селектирање отпад која се одржува секој втор викенд од мај започнувајќи од 2021 година и се планира да се одржува за период од 10 години, односно до 2031 г., односно од 30-тиот до 40-тиот роденден на нашата земја– „ја чистиме нашата земја од отпадот на минатото и ја рециклираме во зелена иднина за нас и за генерациите кои доаѓаат“-порачуваат од Организацијата „Генералка викенд“.



