Делчево го чествува 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

По повод 81- годишнината од победата над фашизмот и 76 годишнината од Денот на Европа, во Делчево денеска се одржа пригодна свеченост. Пред споменикот на паднатите борци во центарот на градот, членовите на КУД „Гоце Делчев“ подготвија пригоден реферат за НОБ во Македонија и победата над фашизмот, како и реферат за 9 Мај, Денот на Европа.

Во рамките на одбележувањето, пред споменикот на паднатите борци се поклонија и свежо цвеќе положија делегација од Општина Делчево, преставници од институции, политички партии и здруженија на граѓани.

Денешниот ден носи сеќавање и порака од два значајни настани кои го променија светот. На овој ден во 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваше 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население и која однесе повеќе од 50 милиони животи. Пијанец во Втората светска војна во борбата против фашизмот дало 150 жртви. Во нивна чест во центарот на Делчево е подигнат монументален споменик на кој се испишани нивните имиња, како и пораката „Сонцељубиви, зар без вас ќе бевме она што сме, не смрт без слобода, не без Македонија“.

Денеска се одбележуваат и 76 години од Шумановата декларација, документот што ги постави темелите на Европската Унија. На 9 мај, симболично се чествува и визијата за мирна и обединета Европа, претставена од Роберт Шуман во 1950 година.

Shares