Ѕвездичките блеснаа на сцената на првиот детски фестивал во Делчево

  • Новости

Тринаесет авторски детски песнички, 15 солисти од Делчево и М. Каменица, хористи и танцови групи, синоќа блеснаа на сцената во спомен-домот АСНОМ во рамките на првиот детски фестивал „Ѕвезда“ во Делчево.

Настанот беше во организација на ЕУРИТМИКС, организација која предводена од музичкиот педагог, м-р Елена Ѓеоргиевска, долги години работи на музичка едукација на младите таленти, а детскиот фестивал беше логичен заклучок и промоција на младите музички таленти во Делчево.

-Реализиравме досега над 70 проекти, настапи, дел поддржани од Министерството за култура, но, најголема городст и радост е токму овој фестивал. На фестивалот меѓу другите автори беше и Дејан Ѓеоргиевски Ѕене кој зеде учество со своја песна ,,Сите твои слики”. Фестивалот се подготвуваше од октомври 2025, а веднаш по завршувањето на овогодинешниот фестивал, започнуваме со подготовка за Ѕвезда 2027“. Фестивалот е прв изграден на високо професионално ниво, каде беа вклучени дваесетина професионалци за сето тоа да се реализира по сите стандарди за детски фестивал. Синоќа имаше над 700 гости и не застануваме тука, продолжуваме со работа и пронаоѓање нови таленти и правиме сѐ за нашата општина да стои рамо до рамо со сите поразвиени општини во нашата земја, во смисла на култура и детски развој, нагласи Ѓеоргиевска.

Таа јавно се заблагодари на сите поддржувачи на фестивалот и на сите инволвирани во организацијата.

Фестивалот го отвори градоначалникот Иван Гоцевски, кој истакна дека со овој фестивал Делчево испишува нова страница и традиција која го храни детскиот развој и самодовербата, ги открива и ги промовира талентите запишувајќи го нашето Делчево во семејството градови кои се грижат и создаваат услови за раст и развој на талентираните деца.

-Како општина, остануваме посветени на создавањето услови за младите да творат, да се промовираат и да се натпреваруваат и да чувствуваат дека нивниот град верува во нив и ја дава максималната поддршка за нивна афирмација. Нашата поддршка и за овој фестивал е инвестиција во иднината и секогаш кога зборувам за младите зборувам за иднината. Воедно, би сакал и да изразам огромна благодарност и да испратам честитки за реализацијата на овој убав настан на сите инволвирани во неговата подготовка и реализација, посебно за ентузијазмот на нашата драга порфесорка по музичко воспитување, м-р Елена Ѓеоргиевска која ги открива музичките таленти во Делчево и создава нов имиџ на градот, нагласи Гоцевски.

Ветувањето на организаторите е дека овој музички настан кој ги афирмира младите музички таленти од Делчево ќе прерасне во традиција.  

Shares