Д-р Сања Пановска, жената од Делчево која го истражува магнетното поле на Земјата, денеска беше на средба со градоначалникот Гоцевски

  • Новости

Жената научник, која го истражува магнетното поле на Земјата, делчевката д-р Сања Пановска, денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски. Д-р Сања Пановска е дел од GFZ Хелмхолдс- центарот за геонауки кој е дел од најголемата научна асоцијација во Германија.

На средбата беше истакнато дека Делчево е расадник на млади и успешни луѓе кои со своето знаење, труд и посветеност успеваат да изградат значајни кариери и да бидат препознаени на меѓународно ниво. Градоначалникот Гоцевски посочи дека успехот на д-р Пановска претставува инспирација за младите генерации во Делчево и доказ дека од овој крај произлегуваат луѓе кои можат да дадат значаен придонес во современата наука и општеството.

Во разговорот беше потенцирана и потребата институциите да продолжат со поддршка на младите, образованието и создавањето услови за развој на нови успешни приказни кои ќе го афирмираат Делчево и во иднина.

Инаку, биографијата на д-р Пановска е импресивна и ја надминува обичната биографија. Таа дипломирала физика во Скопје, магистрирала геофизика во Штип, докторирала на ETH Цирих, а постдокторските студии ги завршила на Универзитетот во Калифорнија. Денес е лидер на истражувачка група во Германскиот центар за геофизика во Потсдам и управува со европски проект вреден два милиони евра. Во 2025 година берлинскиот весник „Тагесшпигел“ ја поставува меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин.

Нејзиното поле е геомагнетизам: го проучува магнетното поле на Земјата, неговите промени низ историјата, екскурзиите и преобртите. Овие истражувања, иако звучат далечни, директно влијаат на космичкото зрачење кое стига до нас, на климата и на сите технологии што зависат од навигацијата и комуникацијата.

Таа е наратор на документарниот филм „Магнетен Мозаик” кој е награден од УНЕСКО во категоријата Жени во науката. Има напишано детска книга „Мојата Земја”, преведена на повеќе јазици. Таа работи и на едукативен проект со загатки и игри наменети за деца меѓу три и осум години, со цел да ги запознае со геонауките.

Shares