
Историските факти, заложбите на разловечките востаници и нивната порака, но и севкупното значење на првото вооружено востание организирано со сопствени сили и средства, Разловечкото, беше тема за работа во делчевските училишта. До израз дојде креативноста на учениците и нивните професори, но за сите настани организирани во образовните институции во Делчево, заеднички именител е наследството на Востанието и неговата порака која треба да ја слушнат младите делчевци и да ја продолжат неговата приказна.
По повод одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание, во СОУ „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево беше организиран историски час. На настанот учениците преку квиз, презентации и пишување есеи ја претставија историската улога и значењето на Разловечкото востание пред присутните ученици, наставници, како и претставници од општината и од основните училишта.
Исто така, во с. Разловци се одржа ликовна колонија посветена на Востанието, каде ученици твореа на сликарско платно со акрилни бои и на мотиви од с. Разловци. Под покровителство на професорката Лиле Ѓеоргиевска, инспирацијата од исконската природа и старата автентична селска архитектура се најдоа во делата на младите уметници. Учесниците во колонијата истакнаа дека со овој чин тие даваат свој креативен придонес во зачувувањето и афирмирање на историското и културното наследство на Пијанец. Уметничките дека ќе бидат поставени во Спомен—домот на Разловечкото востание.
Од училиштето истакнаа дека со ваквите активности се поттикнува интересот кај младите за изучување на македонската историја и се негува историската меморија за настаните кои оставиле значаен белег во националното минато.
Воедно, во ООУ „Св. Климент Охридски“, наставниците по историја Ѓоко Петровски и Влатко Атанасовски преку едукативна презентација го доближија значењето на востанието до учениците и присутните гости. На историскиот час присуствуваа претставници од Општината, ученици и вработени од училиштето, кои со внимание и интерес го проследија настанот.
Од училиштето посочија дека целта на настаните младите да се запознаат со првото вооружено востание од предилинденскиот период, да ја негуваат историската свест, традицијата и почитта кон историското, културното и националното наследство. Младите треба подобро да ги запознаат значајните настани и личности од македонската историја и да ја сочуваат нивната порака.
Слични активности се одржаа и во ООУ „Ванчо Прке“. Таму на историскиот час, преку презентации, историски факти, фотографии, разговори, беше нагласена улогата на Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски и поп Стојан, чие дело останува да биде втемелено во македонската национална борба за слобода.
„Народ без историја е народ без корени“-порачаа ученици од ООУ „Ванчо Прке“.



