
По повод големиот јубилеј 150 години од Разловечкото востание, денеска со пригодна свеченост беше промовирана новата поштенска марка со мотиви од Разловечкото востание со што се оддава посебна почит кон ликот и делото на разловечките востаници и, воопшто, кон значењето на Востанието.
Поштенската марка е со номиналната вредност од 48 денари, испечатена е во 6.000 примероци, а дизајнер на марката е Лариса Донев од Бирото за филателија на Македонски пошти. Како што истакна Бојан Кeреместевски- директор на Секторот за поштенски операции при АД Пошти на Македонија, со печатењето на поштенската марка, Македонска пошта им оддава почит и признание на учесниците на Востанието.
– Поштенските марки претставуваат вечен паметник и го одржуваат во живот сеќавањето на македонските револуционери. Ова е уште една поштенска марка која ќе ги збогати филателистичките албуми, истакна Керемествески.
На промоцијата беа доделени и промотивни изданија од поштенската марка, а градоначалникот Гоцевски кој ја прими првата поштенска марка изрази благодарност до Македонска пошта .
-Дозволете ми да изразам голема благодараност до Македонска пошта за овој потег кој достоинствено ја отсликува нашата, почит, почитта од македонскиот народ кон ликот и делото на разловечките востаници и значењето на првото вооружено востание, Разловечкото востание. Оваа поштенска марка ќе остане во аналите и ќе сведочи низ времето промовирајќи го Разловечкото востание и пораката дека „Македонецот не бара милост, туку слобода. Нашата борба е за нашата чест!!“-нагласи Гоцевски.
На свеченоста беа доделени и наградите по литературниот конкурс објавен од ЈЛБ „Илинден“ во рамките на одбележувањето на јубилејот. Диплома за најдобра творба доби Максим Стефановски од ООУ„Св.Климент Охридски“ од 9-3 одделение; Диплома за најдобра творба од ООУ„Ванчо Прке“ добива Михаела Стоименовска, ученичка од 7 одделение. Во категоријата возрасни, диплома за најдобра творба добива Влатко Ситновски.



