
Во предвечерието на централната прослава по повод одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание, Општина Делчево во соработка со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ организира ше научна трибина која има една единствена цел- на едно место да се чујат и запишат, историските аспекти, анализи и помалку или повеќе познати факти поврзани со првото самостојно организирано востание на македонско тло, Разловечкото востание кое го предводи бурниот предилинденски период.
На трибината учествуваа проф д‑р Ванчо Ѓеоргиев, проф.д-р Никола Минов од Филозофскиот факултет, д‑р Мирјана Нинчовска од Музеј на Македонија и пензионираниот професор по историја од делчевската гимназија Митко Антовски.
Научната трибина ја отвори директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начевски кој истакна дека наша обврска денес е да ја чуваме историската вистина, да ја негиваме културата на сеќавање и да им ја пренесеме на младите генерации важноста на овие настани.
Говорејќи за значењето на научната трибина, градоначалникот Иван Гоцевски посочи дека целта на трибината е да се соберат нови научни трудови кои потоа Општина Делчево ќе ги издаде во книга која ќе остане во аналите со што се продолжува и традицијата од пред 50 години, кога на оваа тема твореле, а по повод 100-годишнината од Востанието: Академик Михајло Апостолски, претседател на МАНУ и на Советот на „Гоцеви денови“, Владо Малески, член на Претседателството на СР Македонија, проф. Љубен Лапе, дописен член на МАНУ и член на Советот на „Гоцеви денови“.
-Ние не смееме да дозволиме, Разловечкото востание да падне во заборав, ние како одговорни луѓе треба да ја чуваме, промовираме и да ја раскажуваме приказната за едно тешко време, за една борба, за искрата која се распламтила и започнала од Разловци да се шири со таква сила несопирлива од различните временски периоди. Таа приказна мора да ја слушат нашите деца, да ја научат и да ја знаат, за да ја остават на своите наследници како аманет, нагласи Гоцевски.



