Централна свеченост во с. Разловци по повод 150 години Разловечко востание Гоцевски: Разловци да се прогласи за заштитена историска целина

  • Новости

Селото Разловци да се прогласи за заштитена историска целина-културно наследство од особено значење на Македонија.  Ова е  Иницијативата од Општина Делчево, месната заедница во с. Разловци, пошироката јавност и почитувачи на македонската историја до Управата за заштита на културното наследство и Министерство за култура и туризам која јавно ја испорача градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски во своето обраќање по повод чествувањето на 150- годишнината на Разловечкото востание што денеска се одржа во с. Разловци. На централната прослава присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот з аодбрана Владо Мисајловски, претставници од кабинетот на претседателката на државава, претставници од АРМ, пратеници во Собранието на РСМ, од многу институции, ученици и добронамерници и пријатели на Делчево.

Цитирајќи ја порака од водачот на Востанието, Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски, „Македонецот не бара милост, туку слобода“, Гоцевски порача дека денес ние не се поклонуваме само пред минатото, се поклонуваме пред достоинството,пред жртвата, пред храброста на луѓето кои ни покажале дека слободата никогаш не се добива како подарок-таа се освојува со борба, со труд и работа, со визија и пркос, со љубов кон татковината.

– Ние како одговорни луѓе ќе го чуваме, промовираме и ќе ја раскажуваме вистината за Разловци која мора да ја слушаат нашите деца, да ја научат и да ја знаат, за да ја остават на своите наследници како аманет, нагласи Гоцевски.

Премиерот Христијан Мицковски во своето обраќање потенцираше дека треба да ја чуваме и да ја градиме државата и да не дозволиме никој да ја понижува. Во говорот тој повика на обединување за државните и националните интереси затоа што, како што рече, ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца.

И кога денес се поклонуваме пред хероите од Разловци, мора да разбереме дека нивната борба не била само за тогашното време. Таа борба трае и денес, само во поинаква форма. Денес, татковината не ја браниме со пушка в рака. Денес, ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас – рече премиерот.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во својот говор истакна дека јунаците на Разловци не ја победија империјата, но ја победија тишината.

– Да не постоеја малите и неуспшни востанија, немаше да постојат ни големите победи. Разловци е токму такво село, кое пред век и половина се осмели да разговара со вечностаНарод што ја чува сопствената меморија, ја чува и својата иднина, рече Љутков.

По повод 150 години од Разловечкото востание, премиерот Мицковски, министерот Љутков и градоначалникот Гоцевски на симболичен начин со сечење лента го отворија за посетителите реконструираниот Спомен-домот на Разловечкото востание, каде се инвестирани над 20 милиони денари, средства обезбедени преку Министерството за култура.

Свеченоста во Разловци продолжи со панихида за паднатите борци за слобода во црквата „Св.цар Константин и царица Елена“, по што следуваше пригодна културно-уметничка програма и свечен ручек за гостите.

Shares