
Градоначалникот на Општина Делчево денеска го потпиша Договорот за реализација на проектот „Набавка на механизација за одржување на локалните патишта во села со специфични развојни потреби во Делчево“, со кој преку Министерството за локална самоуправа – Бирото за регионален развој, за Општина Делчево се обезбедени 2 милиони денари.
Како што истакна градоначалникот Гоцевски, оваа поддршка претставува значајна инвестиција за нашите рурални средини и уште една потврда дека со конкретни проекти се продолжува со создавање услови за подобар квалитет на животот на граѓаните во секое населено место.
–Новата механизација ќе овозможи поефикасно и навремено одржување на локалните патишта, особено во селата со специфични развојни потреби, каде што инфраструктурата е од исклучително значење за секојдневното функционирање на жителите. Како локална самоуправа, остануваме целосно посветени на развојот на сите населени места во општината. Подобрата патна инфраструктура значи поголема безбедност, подобра поврзаност и поквалитетен живот за нашите сограѓани, нагласи Гоцевски.
Тој упати благодарност до Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој за поддршката и за препознавањето на потребите на Општина Делчево.



