Десетта седница на Советот на Општина Делчево

Советот на Општина Делчево денеска ја одржа својата 10 Седница.

На Седницата се расправаше и се донесоа акти за 16 точки предложени на Дневниот ред за Седницата.

Советниците дадоа согласност за прифаќање на донацијата дадена во добра и услуги од давателот на донацијата Трговско друштво за геодетски работи ГЕО КОМ ДООЕЛ, увоз извоз Делчево. Донацијата се состои во изработка на 9 (девет) геодетски елаборати за геодетски работи за посебни намени за нумерички податоци КО Делчево за потребите на Општина ДелчевоЗа донацијата ќе биде склучен посебен договор, помеѓу Градоначалникот на Општина Делчево, како примател на донацијата и давателот на донацијата Трговско друштво за геодетски работи ГЕО КОМ ДООЕЛ, увоз извоз Делчево.

            На Седницата се донесе Одлука за формирање Просторни сили за заштита и спасување за подрачјето на Општина Делчево. Силите за заштите и спасување се формираат за дејствувањето на подрачјето на општина Делчево заради заштита и спасување на луѓето и материјалните добра од природни и други непогоди. Просторните сили за заштита и спасување за подрачјето на Општина Делчево се формираат како Универзална единица за заштита и спасувањеУниверзалната единица за заштита и спасување се формира во формација на вод и брои 19 припадници.

                Согласно со донесената Одлука на Советот, на припадниците на просторните сили им следува надоместок во висина од 3% од просечната месечна плата по работник во Република Северна Македонија објавена од Државниот завод за статистика за претходниот месец, по реален ангажман, а за раководните лица 5% по реален ден ангажман. Надоместокот се исплаќа врз основа на наредба за активирање на просторните сили донесена од Градоначалникот или овластено лице, како и врз основа на евидентиран извршен ангажман согласно службена документација. Средствата за паричниот надоместок на граѓаните заради нивното учество во просторните сили за заштита и спасување во Општина Делчево ќе се обезбедат од Буџетот на Општина Делчево.

Исто така, на Седницата беше донесена и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за основање Заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад ЕКО ИСТОК – СЕВЕРОИСТОК Свети Николе и Одлука за утврдување на начинот на финансирање и обезбедување средства за тековно работење и одржување на Заедничкото јавно претпријатие за регионално управување со отпад ЕКО ИСТОК – СЕВЕРОИСТОК Свети Николе.

Со оваа Одлука се уредува начинот на финансирање и обезбедување средства за тековно работење и одржување на Заедничкото јавно претпријатие за регионално управување со отпад ЕКО ИСТОК – СЕВЕРОИСТОК Свети Николе (во понатамошниот текст: Претпријатието), основано од општините од Источниот и Североисточниот плански регион. Секоја од Општините основачи на Претпријатието обезбедува средства за финансирање на Претпријатието во износ од 10 (десет) денари по жител на годишна основа,согласно со податоците од последниот попис на населението во Република Северна Македонија, при што вкупниот износ на средствата што секоја општина е должна да ги обезбеди за Претпријатието се утврдува како производ од бројот на жители во општината и износот од 10 денари по жител за период од 01.01-31.12 во тековна година. Средствата ги уплаќаат општините на сметката на Претпријатието во вкупниот износ најдоцна до 30 јуни во тековната година.

Советниците на Седницата, меѓудругото ги донесоа и следните акти:

Заклучок за усвојување на Кварталниот извештај за извршувањето на Буџетот на Општина Делчево за периодот 01.01.2026 до 31.03.2026; Одлука за пристапување кон измена на Статутот на Општина Делчево; Заклучок за усвојување на Извештајот за јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата на подрачјето на општина Делчево; Одлука за  одобрување финансиски средства за издавање на Монографија за  Разловечкото востание; Одлука за давање согласност на Измената на Годишниот план за вработување за 2026 година; Одлука за одобрување финансиски средства на Месна заедница Косово Дабје.

Shares