Усвоен Општинскиот енергетскиот план на Делчево за 2027

  • Новости

На 11 Седница на Советот на Општина Делчево беше усвоен и Општинскиот енергетски план на Делчево за 2027 година кој е стратешки и оперативен документ за планирање, управување и развој на локалниот енергетски сектор. Основната цел на ОЕП на Општина Делчево е воспоставување систематски, ефикасен и одржлив пристап кон управувањето со енергијата на локално ниво, преку рационално користење на ресурсите, намалување на трошоците и зголемување на енергетската сигурност.

Општинскиот енергетскиот план е изработен врз основа на важечката национална законска рамка во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, заштитата на животната средина, градењето, урбанистичкото планирање и јавните набавки, како и согласно европски политики и стандарди.

 Тој е усогласен со националните стратешки цели утврдени во Интегрираниот национален план за енергија и клима, програмите за енергетска ефикасност и другите секторски политики, при што истовремено ги зема предвид локалните развојни приоритети, специфичните карактеристики на општината и потребите на населението.

Во Општинскиот енергетски план се предвидуваат иницијативи за изградба на енергетски објекти за производство на електрична енергија и системи за складирање на електрична енергија со инсталирана моќност до 1 MW, во согласност со законските надлежности и издадените согласности од надлежните институции.

Исто така, се дефинираат и приоритетните мерки и проекти како основа за спроведување на националните и локалните политики во областа на енергетиката и климатските промени.

ОЕП има за цел да:

·         ја подобри енергетската ефикасност во јавниот сектор, особено во општинската администрација, училиштата, детските градинки, културните и спортските објекти, како и комуналната инфраструктура;

·         го намали вкупното годишно трошење на електрична и топлинска енергија и поврзаните буџетски расходи;

·         поттикне користење на ОИЕ, особено сончева енергија преку фотонапонски системи на јавни објекти и други локално достапни ресурси;

·         придонесе кон намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на квалитетот на воздухот;

·         овозможи подготовка и реализација на проекти финансирани од државни, европски и меѓународни фондови;

·         создаде услови за развој на паметни енергетски решенија, дигитализација и енергетски мониторинг;

·         ја зајакне институционалната и техничката способност на општината за управување со енергетски проекти и инвестиции;

·         поттикне децентрализирано производство и складирањето на енергија на локално ниво.

ОЕП има клучно значење за развојот на Општина Делчево, бидејќи претставува практичен инструмент за носење информирани одлуки во областа на енергетиката, инфраструктурата и одржливиот локален развој. Значењето на ОЕП се согледува преку следните аспекти:

·         Стратешко значење. ОЕП ја поврзува локалната енергетска политика со националните и европските цели за енергетска ефикасност, декарбонизација и климатска отпорност, обезбедувајќи јасен правец за идниот развој на општината.

·         Економско значење.Преку рационално користење на енергијата, реконструкција на објекти и модернизација, се намалуваат тековните трошоци во општинскиот буџет и се ослободуваат средства за други развојни приоритети.

·         Еколошко значење. Спроведувањето на мерките од ОЕП директно придонесува за намалување на локалното загадување на воздухоти негативните влијанија врз животната средина.

·         Социјално значење. ОЕП придонесува кон создавање здрава, безбедна и квалитетна средина за живеење, подобар комфор во јавните објекти и подигнување на јавната свест за рационално користење на енергијата.

·         Институционално значење. ОЕП воспоставува јасни надлежности, индикатори и механизми за следење на резултатите, што овозможува подобра координација меѓу општинските служби и транспарентност во спроведувањето.

Инвестициско значење.ОЕП создава проектно портфолио за аплицирање пред донаторски програми, банки, фондови и јавно-приватни партнерства

Shares