ЈЛБ „Илинден“ со почит кон тивките хероини меѓу нас

  • Новости

Несекојдневен настан посветен на жената не онаа совршената, туку на вистинската жена со сите нејзини борби, падови, порази, но и издигнувања, организираше  ЈЛБ„Илинден“ – Делчево, под наслов „Тивките хероини меѓу нас“.

Настанот го отвори директорката на ЈЛБ „Илинден“ Билјана Петровска која нагласи дека настанот е посветен на жената која се буди уморна, а сепак продолжува, на жената која плаче тивко, а пред светот стои исправено, на жената која работи, создава, воспитува, се бори паѓа и повторно станува.

Денес не зборувавме за идеален живот. Туку за храброста. За силата што се раѓа во најтешките моменти. Сите жени кои беа дел од овој настан , носи различна приказна, но сите имаат нешто заедничко- не се откажале и не се откажуваат. Со нас беа жени кои успеале да изградат успешни кариери и останале пример за посветеност, достоинствои и човечност. Мајки кои животот ги ставил пред најтешката битка- борба за здравјето на своето дете. Но, низ таа борба покажале што значи безусловна љубов и сила. Самохрани мајки кои секојдневно носат мајчинска нежност и животна храброст. Мајки на три деца кои ни покажуваат дела љубовта не се дели туку се множи, истакна Петровска.

На настанот своја кратка приказна и порака пред присутните  пренесоа неколку тивки хероини од нашиот град: Билјана Геогриевска, Даниела Такева, Драгана Крстевска, Сунчица Димитровска и Винка Мирчевска Прауловиќ.

ЈЛБ„Илинден“ – Делчево, во чест на жените кои со својата работа, хуманост, храброст, талент и посветеност оставиле и сè уште оставаат траен белег во нашиот град, подготви изложба на фотографии со што им оддава почит на жените кои инспирираат, создаваат, се борат и оставаат трага во Делчево.

Делчево имало и има многу жени кои заслужуваат да бидат дел од таа изложба, меѓутоа, во првата фаза од програма се изготвени 14 фотографии, а како што најави Петровска, втората фаза од оваа програма ќе се реализира на почетокот на месец септтември и ќе се зголеми бројот на жени заслужни да бидат дел од таа изложба.

Во изложбата која е поместена во Мултифункционалниот центар се поставени сликите на :

Блага Симеонова – првата бабица во Делчево, Милка Такева Грегориевиќ – македонски политиколог, д-р Милка Христова- пратеничка во Собранието на Македонија, Елена Сумрачка од Разловци- жена од народот за народот, д-р Виолета Арсова – педијатар, Николина Попчева – јавен обвинител, Љубица Гоцевска – меѓу првите професионални новинари во општината, Душка Сугарева – прва жена секретар на Општина Делчево, Славица Гугучевска – прва жена директор кај нас, Десанка Атанасова – доајенот на делчевското новинарство, Слободанка Бока Аврамовска – првата аптекарка, Милица Тасева – првата заболекарка, Лилјана Ивановска- првата библиотекарка и Мира Стојчевска – пратеничка во Собранието на Македонија.

 

 

Shares