Се формира Совет за развој на туризмот

  • Новости

Општина Делчево започнува нова фаза во креирањето на локалните политики за економски развој преку воспоставување на Совет за развој на туризмот, тело кое ќе има задача да ги обедини институциите, стопанството и граѓанскиот сектор во насока на искористување на туристичките потенцијали на општината.

Како што истакна градоначалникот Гоцевски уште од почетокот на мандатот биле направени детални анализи на состојбите во економијата и функционирањето на локалната администрација и било утврдено дека недостига интегрирана и синхронизирана соработка помеѓу општинските служби, стопанството и останатите чинители во областа на локалниот економски развој.

Во изминатиот период општината работеше на зајакнување на капацитетите на месните и урбаните заедници, со цел секое населено место да добие можност активно да учествува во креирањето на развојните политики. Паралелно со тоа, се воспоставени нови механизми за соработка со стопанските субјекти и невладините организации, преку кои се реализираат активности насочени кон поттикнување на економскиот раст и развој.  Во таа насока, туризмот е препознаен како една од областите со најголем потенцијал за раст во Делчево,нагласи Гоцевски.

Советот за развој на туризмот ќе биде координиран од градоначалникот и службите задолжени за локален економски развој, а во неговата работа ќе бидат вклучени претставници од:

·         НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево;

·         ЗФК „Копачка“;

·         Фолклорна група „Вапцаров“;

·         КУД „Гоце Делчев“;

·         Планинарско-спортски клуб „Голак“;

·         Здружението на пензионери;

·         локалните медиуми;

·         угостителскиот и хотелскиот сектор;

·         транспортните компании;

·         СОУ „Методи Митевски – Брицо“;

·         Македонската православна црква;

·         месните заедници, особено од руралните средини;

·         Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција;

·         надворешни експерти и консултанти.”

Основната задача на Советот ќе биде воспоставување силна институционална платформа за развој на туризмот во Делчево, преку која ќе се обезбеди активно учество на сите релевантни чинители во процесот на креирање туристички политики.

Советот ќе работи на дефинирање конкретни мерки, проекти и развојни приоритети, со јасно утврдени цели и мерливи индикатори за успех.

·         развој на одржлив туризам во општината;

·         подобрување на туристичката инфраструктура;

·         промоција на природните, културните и историските богатства на Делчево;

·         поттикнување на инвестиции во туристичкиот сектор;

·         создавање нови можности за вработување;

·         зголемување на бројот на домашни и странски посетители;

·         подобрување на соработката помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор.

Со формирањето на Советот за развој на туризмот, Општина Делчево поставува нови темели за системски пристап кон развојот на туризмот, со амбиција овој сектор да стане еден од двигателите на локалниот економски раст во наредните години.

Shares