
Интензивно се работи на изработката на новиот стратешки документ на Општина Делчево кој го планира локалниот економски развој за период од следните 5 години, односно за периодот од 2026 до 2031 година.
Со цел Делчево да добие сеопфатен и современ стратешки документ кој е од базично значење за реализацијата на проектите што ќе овозможат развој на општината на различни полиња во наредниот период, се одржа и втората работилница на која учествуваа претставници од сите области на општественото живеење во Делчево.
Во консултативен процес, на работилницата беа предложени приоритетни проекти класифицирани во неколку столбови, како што се дигитална транформација и паметна општина; образование, спорт, култура и социјална политика, инфраструктура, заштита на животната средина и сл.
Инаку, втората работилница ја отвори градоначалникот Иван Гоцевски којшто ја истакна потребата од изработката на квалитетен документот, но и за потребата за мерење на ефектите од преземените мерки и активности со цел да се добијат реални индикатори за самиот развој на општината, локалната економија и стопанство. Воедно, тој ги потенцираше напорите и политиките коишто ги имплементира Општина Делчево за подобра соработка со бизнис-секторот, враќање на довербата и креирање на Делчево како место привлечно за инвестиции. Во таа насока е одржувањето на вториот бизнис-форум, но и формирањето на Советот за развој на туризмот.
Граѓаните на Општина Делчево на почетокот на септември оваа година ќе ја имаат на увид првичната верзија на документот за кој ќе се бараа и јавна консултација по што финалната верзија ќе биде дадена на усвојување на Советот на Општина Делчево.



