
Градоначалникот Иван Гоцевски присуствуваше на воената свеченост во касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде со свечено предавање на военото знаме на баталјонот, се изврши примопредавање на должноста командант на Вториот пешадиски баталјон од составот на Првата пешадиска бригада.
Должноста командант на 2.пешадиска бригада од потполковник Зоран Сумрачки ја прими потполковник Ристо Стоев, кој досега беше поставен во Командата за операции, а на свеченоста беше прочитана и наредбата за поставување и унапредување на потполковникот Сумрачки во чин полковник, а од персоналот на 2.пешадиска бригада му беше врачен пригоден подарок и плакета со посвета и логото на единицата.
По повод настанот, градоначалникот Гоцевски истакна дека признанието за делчевецот Сумрачки, го чувствува како посебна чест за нашиот град нагласувајќи дека Делчево од секогаш имало чесни и почитувани одговорни луѓе кои достоинствено ѝ служат на државата и даваат придонес кон стабилност и безбедноста на државата.
-Во име на Општината и од мое лично име упатувам искрени честитки за напредокот во кариерата на почитуваниот полковник Сумрачки, но, секако и посебна благодарност за соработката со својот роден град. Воедно, на новиот командант потполковник Ристо Стоев му посакувам успешна работа, мудрост и сила во извршувањето на обврските. Денешната свеченост е уште еден доказ дека посветеноста и чесноста секогаш се препознаваат и почитуваат. Делчево се гордее со своите луѓе, нагласи Гоцевски.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, пензионирани генерали, претставници од Командата за операции, поранешни команданти на единицата, команданти на потчинети единици во 1пбр, градоначалници и претставници на локални самоуправи во зоната на одговорност на единицата, претставници на јавни установи и останати гости.



