
„Ова не е приказна само за моите падови. Ова е приказна за моето станување“, порачува младата авторка Елеонора Ивановска во своето прво автобиографско дело „Преживував додека се градев“ чија промоција организирана од ЈЛБ „Илинден“ предизвика многу емоции кај присутните. Авторката Ивановска нагласи дека оваа книга е порака до сите што мислат дека животот им ги затворил сите врати.
– Долго време мислев дека моите спомени треба да останат само мои. Скриени некаде длабоко во мене, таму каде што никој нема да ги види. Но, со текот на годините сфатив дека болката има смисла само ако од неа научиш нешто и ако тоа искуство може да му помогне на некој друг. Ова не е книга напишана за сожалување.Не е книга за да покаже колку тежок бил мојот живот. Ова е книга за храброста. За надежта. За човековата сила да продолжи понатаму, дури и кога мисли дека повеќе нема сила, нагласи Ивановска.
Промотор на книгата беше м-р Даниела Такева која истакна дека делото е повеќе од автобиографија и дека таа е исповед на една млада девојка која уште од најраните години се соочува со она што ниедно дете не би требало да го доживее – семејно насилство, сиромаштија, неизвесност и болест. Но, наместо да дозволи тие околности да ја одредат, таа одлучува да ги надмине. На страниците на оваа книга нема измислени херои. Херојот е реален, тоа е девојката од нашиот град.
На промоцијата беа прочитани делови од книгата, а директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска посочи дека библиотеката е пособено горда кога промовира дела од младите роднокрајни автори. Нивните дела се дел од културниот идентитет на нашиот град и инспирација за сегашните и идните генерации.
–Промоцијата на оваа книга ја сместуваме во нашата активност „Тивките хероини меѓу нас“, за жените кои својата болка ја носат со достоинство, со насмевка што крие 1000 солзи.Елеонора е една од нив.Толку млада , а веќе научила лекции ,што многумина не ги учат за цел живот.Таа една од тивките хероини меѓу нас, затоа што во секоја болка и солза нашла сила да стане .Нека нејзината приказна биде потсетник дека најголемата храброст не е да не паднеш, туку секојпат повторно да станеш, истакна Петровска.
Делото на Елеонора веќе од денеска може да се најде во градската библиотека.



