Во Делчево успешно се одржа првиот натпревар во косење со рачна коса

  • Новости

Денес, 4 август 2026 година (вторник), со почеток во 09:00 часот, на просторот кај спортската сала до Градскиот стадион во Делчево, се одржа првиот натпревар во косење со рачна коса, настан од ваков карактер што за првпат се организира во Делчево.

На натпреварот учествуваа осум натпреварувачи, меѓу кои и една натпреварувачка од Кочани, кои ги покажаа своите вештини, умешност и традиционалниот начин на косење со рачна коса. Настанот беше проследен со голем интерес од присутните, а покрај натпреварувачкиот дух, имаше за цел и да ја негува и промовира оваа традиционална земјоделска вештина.

Според освоените места, пласманот е следниот:

  1. 1. Јонче Новоселски
    2. Миле Николовски
    3. Александар Николовски
    4. Ванчо Захариевски
    5. Марјан Маџовски
    6. Ванчо Тодоровски
    7. Блашка Стојковска (Кочани)
    8. Благојчо Коларски

Со успешната реализација на овој настан, Делчево доби уште една традиционална манифестација, која има потенцијал да прерасне во препознатлив настан и да стане дел од културно-туристичката понуда на општината.

„Особено ме радува што Делчево денес беше домаќин на првиот натпревар во косење со рачна коса, манифестација што ги негува нашите традиции и го вреднува трудот на луѓето кои со генерации ги пренесуваат овие вештини. Големиот интерес и позитивната атмосфера се потврда дека ваквите настани имаат свое место во нашата општина. Верувам дека овој натпревар ќе прерасне во традиционална манифестација, ќе привлекува сè повеќе учесници и посетители и ќе придонесе за промоција на Делчево, зачувување на културното наследство и развој на руралниот и спортско-рекреативниот туризам“, истакна градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски.

Shares