Отворена изложбата на дела од 33. Лесновска ликовна колонија – увертира во „Свежо културно лето Делчево 2026“

  • Новости

Во рамките на програмата „Свежо културно лето Делчево 2026“, во фоајето на Спомен-дом АСНОМ во Делчево свечено беше отворена изложбата на дела од 33. Лесновска ликовна колонија, со што беше означен почетокот на богатата културна програма што ќе се реализира во наредните денови.

Пред бројните посетители беа претставени дела од богатата уметничка збирка создадена во рамките на Лесновската ликовна колонија, која со децении претставува препознатлив симбол на ликовното творештво и значаен репрезент на културното наследство и уметничките вредности на регионот. Колекцијата, која грижливо ја чува Домот на културата „Злетовски Рудар“ од Пробиштип, преку изложби се претставува во бројни домови и центри за култура низ државата.

Организатор на изложбата е НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, кој уште еднаш ја потврди својата улога како носител и двигател на културниот живот во општината, овозможувајќи им на граѓаните да бидат дел од значајни културни настани и да уживаат во дела со трајна уметничка вредност.

Општина Делчево изразува благодарност до Домот на културата „Злетовски Рудар“ – Пробиштип за долгогодишната успешна соработка и за заедничката заложба за промоција и афирмација на културата и уметноста.

Изложбата ќе биде отворена во наредните 10 дена, а сите љубители на ликовната уметност се поканети да ја посетат и да уживаат во изложените дела, кои претставуваат вистински спој на креативност, традиција и безвременски уметнички вредности.

Shares