Општина Делчево им оддаде признание на најхуманите граѓани – доделени благодарници и плакети на крводарителите

  • Новости

Во фоајето на Спомен-дом АСНОМ во Делчево вчера се одржа свеченост по повод 17 Март – Денот на крводарителството во Македонија, во организација на Општина Делчево и Општинската организација на Црвен крст – Делчево, посветена на сите хумани граѓани кои преку доброволното дарување крв спасуваат човечки животи.

На свеченоста беа доделени  160 благодарници на крводарители кои несебично дарувале крв 5, 10, 25, 50, 75 и 100 пати, како знак на признание за нивната долгогодишна хуманост и општествена одговорност.

За особени заслуги во доброволното крводарителство беа врачени и 15 плакети на крводарители кои дарувале крв 50 пати, 3 плакети за 75 дарувања, како и една плакета за исклучителниот подвиг од 100 дарувања на крв.

Доброволното крводарителство претставува еден од највисоките облици на хуманост, солидарност и грижа за заедницата. Со секоја дарувана единица крв се дава надеж и можност за лекување на пациенти на кои тоа им е неопходно, а токму ваквите хумани дела се темел на едно здраво и солидарно општество.

Делчево со години наназад е препознатливо како општина со исклучително развиена крводарителска култура. Според бројот на жители, Делчево е меѓу градовите со најголем одзив за доброволно дарување крв во државата, што претставува гордост за целата локална заедница и потврда за високата свест и хуманоста на делчевчани.

Општина Делчево и ОО на Црвен крст – Делчево упатија искрена благодарност до сите крводарители за нивната несебична пожртвуваност и хуманост, со порака дека секое дарување крв претставува непроценлив подарок – можност за спасување човечки живот и инспирација за нови генерации доброволни крводарители.

Shares