
Општина Делчево за фискалната 2025/26 година е оценета со максимални индексни поени 16 и се наоѓа во семејството на високотранспарентни општини. Функционалноста и достапноста на веб-страницата на Општина Делчево се со коментар: Многу добра организација и достапност на информациите.
Овие податоци се дел од анализата на ЦЕА која неколку години по ред го мери Индексот на достапност на буџетските документи кај ЕЛС.
Во периодот 2025–2026 година, 13 ЕЛС го постигнале максималниот број од 16 индексни поени, и тоа: Битола, Бутел, Валандово, Велес, Делчево, Желино, Илинден, Карпош, Крива Паланка, Македонски Брод, Пехчево, Центар и Центар Жупа. Во пошироката група на високо транспарентни општини, со 15 и 16 индексни поени, се вбројуваат 29 ЕЛС.
Просечниот индекс на буџетска транспарентност кај општините од 5,59 во 2014–2015 година е зголемен на 12,40 во 2025–2026 година, што претставува највисока просечна вредност во досегашниот период на следење
На регионално ниво, шест од осумте плански региони бележат подобрување на просечниот индекс на буџетска транспарентност во периодот 2025–2026 година. Најголемо подобрување бележи Вардарскиот плански регион, за 2 индексни поени, додека општините од Источниот и Југозападниот плански регион и оваа година во просек се регионално најтранспарентни во споредба со општините од другите плански региони.
Според даночната транспарентност, Општина Делчево се наоѓа во групата општини со висок степен на даночна транспарентност со 63% што е подобрување за 4% од претходната година.
За градоначалникот Гоцевски, високата буџетска транспарентност на Општина Делчево не е само признание за Општина Делчево-таа е обврска дадена пред граѓаните.
-Јавните средства се средства на граѓаните, затоа тие имаат право да знаат како се планираат, како се трошат и какви резултати се постигнуваат.Транспарентноста не ја разбираме само како обврска, туку одговорност кон секој граѓанин. Оваа анализа покажува дека се движиме во добра насока и претставува обврска да продолжиме уште поодговорно и поотчетно, истакна Гоцевски



