
Во детската градинка „Весели цветови“ во Делчево и во оваа учебна 2026/27 година ќе бидат згрижени 15 деца – Роми на возраст од 3 до 6 години кои се во социјален ризик, а во рамките на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи– детски градинки“.
Договорот за реализација на проектот беше потпишан денеска од страна на Општина Делчево, Министерството за социјална политика, демографија и млади и детската градинка „Весели Цветови“ Делчево на настан организиран од Министерството каде беа презентирани и резултатите од спроведување на проектот.
За учебната 2026/2027 година, предвидено е проектот да продолжи со поддршка во 22 општини, со планиран опфат од 390 деца Роми од семејства во социјален ризик.
Проектот се реализира од 2006 година во соработка со единиците на локалната самоуправа и детските градинки. Во периодот од 2006 до 2025 година, преку проектот бесплатно се вклучени околу 5.300 деца од ромската етничка заедница.
Општина Делчево во партнерство со Министерството за социјална политика, демографија и млади остануваат посветени на унапредување на инклузивноста и создавање одржливи механизми за пристап до предучилишно образование, особено за децата и семејствата во социјален ризик.




