
Во рамки на кампањата ПАТУВАМЕ БЕЗБЕДНО која се спроведува трета година по ред, во Здружението на пензионери во Делчево се одржа сообраќајно едукативно предавање со работилница за безбедно и одговорно учество во сообраќајот наменето за лицата постари од 65 години.
Целта на оваа активност беше да се потсетат повозрасните граѓани за важноста од одговорното учество во сообраќајот како пешаци и возачи, ризиците од непочитувањето на правилата и прописите, но и на последиците од неодговорното учество во сообраќајот преку презентирање на податоци за случени сообраќајни незгоди за 2025 година. Посебен акцент беше ставен на употребата на сигурносните појаси во возилото од страна на возачот и сопатниците, ограничувањата на брзината во населените места, ризикот од употребата на алкохол и управувањето со возило, прописното паркирање, употреба и користење на јавниот универзален број 112 во итни ситуации, учеството во сообраќајот како пешаци и нивна самозаштита. На работилницата тие ги искажуваа своите ставови поврзани со нивното секојдневно учество во сообраќајот.
На присутните им беа поделени и флаери со едукативна содржина кои беа обезбедени од страна на РСБСП и МВР.
Согласно анализата на сообраќајни незгоди за 2025 година за подрачјето на Општина Делчево лицата во старосната категорија 65+ припаѓаат во ранливата категорија на учесници во сообраќајот каде 1 лице од оваа старосна категорија се има здобиено со тешки телесни повреди, а 2 лица се здобиле со лесни телесни повреди што е за 50% помалку од лани. Согласно старосната структура на возачите кои учествувале во сообраќајните незгоди 16% припаѓаат на групата 65+, а 17% припаѓаат на групата 55-64 години.
Оваа активност е дел од мерките за безбедност на патиштата предвидени во Стратегијата за безбедност на патиштата на Општина Делчево 2023-2027 година во идентификуваната категорија – лица постари од 65 години.



