Седница на Советот на Општината посветена на младите

  • Новости

На иницијатива на Локалниот младински совет, денеска во Делчево се одржа 17-та Седница на Советот на Општина Делчево посветена на младите и младинските прашања во Делчево. На Седницата присуствуваше градоначалникот Иван Гоцевски, како и директори на локални институции и претставници на граѓанскиот сектор.

Седницата ја отвори и ја водеше претседателот на Советот, Николчо Стојменовски, кој во своето обраќање нагласи дека ова е Седница на која младите луѓе од нашата општина се во центарот на вниманието – со своите прашања, потреби, идеи, предизвици и очекувања.

Како претседател на Советот на Општина Делчево, сметам дека оваа Седница е еден од значајните моменти во работата на Советот. Зошто? Затоа што квалитетот на една локална заедница не се мери само според тоа колку проекти ќе реализираме, колку улици ќе изградиме или колку одлуки ќе донесеме. Се мери и според тоа дали младите гледаат перспектива во своето место, дали се чувствуваат слушнати и дали веруваат дека можат да придонесат во неговиот развој, порача Стојменовски.

За градоначалникот Гоцевски приоритет во работата е активни млади.

За мене, активни млади значи млади кои не се пасивни набљудувачи на општеството, туку млади кои прашуваат, предлагаат, креираат, учествуваат и преземаат иницијатива. Млади кои имаат свое мислење и простор тоа мислење да биде слушнато и преточено во конкретни политики и решенија. Токму затоа, во изминатите 12 месеци Општина Делчево интензивно работи на промена на наративот и перцепцијата за младите – да не ги гледаме како апатични и незаинтересирани за општествените текови, туку како важен ресурс и активен партнер во развојот на заедницата, нагласи Гоцевски.

Градоначалникот потсети на сите проекти и активности кои изминативе 12 месеци се направени на полето на младинскиот активизам.

Во таа насока го формиравме Локалниот совет за млади, како механизам преку кој младите можат директно да ги артикулираат своите потреби, идеи и иницијативи. И не застанавме тука. Веднаш одговоривме и на еден од првите приоритети идентификувани преку Буџетскиот форум го отворивме Младинскиот центар, простор создаден за младите и според нивните потреби, каде што можат да се едуцираат, да разменуваат искуства, да иницираат активности, да се поврзуваат и заеднички да создаваат, рече Гоцевски.

Претседателката на Локалниот младински совет, Искра Ѓеоргиевска нагласи дека  Младинскиот совет е подготвен да биде мост меѓу младите и институциите.

Континуирано се промовираме затоа што сакаме што поголем број млади да знаат дека постои Младински совет и дека имаат кому да му се обратат, имаат каде да го кажат својот проблем и имаат простор нивната идеја да биде слушната. И токму во таа насока, минатата недела направивме уште еден голем чекор. Инициравме средба со младинските совети од Берово, Пехчево и Македонска Каменица, со цел да започнеме регионална соработка и поврзување на младите од Пијанечко-Малешевскиот регион. Еден од главните заклучоци и приоритети од оваа средба беше потребата од кариерен центар за младите. Особено нè радува што овој предлог веднаш беше прифатен од Општината и веќе е во процес на реализација. За нас тоа е голем чекор и доказ дека кога младите ќе бидат слушнати и кога постои подготвеност за соработка, идејата може да стане конкретно решение, порача Ѓеоргиевска.

На Седницата беа поставувани прашања и предлози од младите до сите претставници на институциите поврзани со вработувањето, практикантството, образованието, спортот, културата и сл.

Shares